Не успеа во Вашингтон, сега сака да се смести во Њујорк – Фрчковски предложен за амбасадор во ООН

Не успеа во Вашингтон, ама затоа екс министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски ќе се вдоми во мисијата на ОН во Њујорк. До Собранието веќе е пристигнат предлогот за неговото именување, ама ќе се чека да завршат изборите за кандидатурата да го помине и собранискиот филтер.

По три години натегања колку што е и празно амбасадорското место, МНР го предложило Фрчковски како идеално решение за оваа позиција. Но што ги променило цврстите ставови на шефот на македонската дипломатија Бујар Осамни кој пред само седум месеци уверуваше дека објавите во медиумите биле шпекулација и покрај тоа што лично Фрчковски на неговиот фејсбук профил си споделуваше честитки по повод неговото номинирање.

Обединета македонска дијаспора поведе цела кампања против Фрчковски за негово именување, а надлежните институции ја прекинаа и постапката за неговото амбасадорско место во САД.

Информацијата дека Фрчкоски нема да замине за Вашингтон, тогаш прв ја објави, пратеникот – Антонио Милошоски. Тој, на фејсбук напиша дека за ова, бил информиран и премиерот Заев. Според Милошоски, причина за незаминувањето на Фрчкоски, било тоа што не можел да добие безбедносен сертификат..

За разлика од процедурата за именување амбасадор во одредена држава, која подразбира добивање агреман (одобрение, согласност од една држава за прифаќање дипломатски претставник од друга држава), за назначување шеф на мисија во мултилатерална меѓународна организација, каква што се обединетите нации, не е потребна претходна согласност од организацијата домаќин.

И додека се чека заминувањето на Фрчковски, пратениците ги прифатиле предлозите за амбасадорските места во Русија, Индија , Австрија и Италија.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements