Не стивнува бојкотот пред средбата со Царовска за спорната дигитализација на образованието

Најавените реформи и менувањето на содржината на учебниците поставуваат сомнежи дека промените кои ги претрпи образовниот систем ќе бидат во корист на туѓи интереси – реагира професорката Весна Јаневска. Според неа, тоа што министерката вели дека дигитализацијата е добра за брзи и евтини корекции на дел од содржините, е само превез зад кој се крие остварување на ветувањата на владата. во договорите кои ги потпишува.

Корекции би се правеле, по различни, други потреби, кои не верувам дека ќе бидат за доброто на Македонија и македонскиот народ. Може ли да се случи во историја оваа година едно дете да учи дека Гоце Делчев бил македонски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија,а другата година дека Делчев бил македонско – бугарски револуционер кој се борел за ослободување од османлиите? – прашува професорката Весна Јаневска.

Незадоволството од реформите во стручната фела расте. Јаневска вели дека никој не е против дигитализација, туку против начинот на кој таа ќе се имплементира. Предлага да се оди чекор по чекор, со пилот проект, најпрво во училишта каде има услови за такво нешто. Дополнително што загрижува, коментира Јаневска, е нерамноправноста која ќе се појави помеѓу децата, оти едни ќе учат од скапи уреди, а други од печатени скрипти.

Најстрашно според мене е тоа што децата ќе се доведат во нерамноправна положба. Едни деца ќе имаат лаптоп, компјутер, таблет, а другите деца ќе имаат скрипта, црно – бела, која ќе треба родителите да ја платат – додава Јаневска.

Во меѓувреме, бојкотот на дел од учениците продолжува и денеска. По притисоците, од министерството за образование се согласија, утре да се сретнат со претставници на граѓанската иницијатива која е против дигитализација. Ќе се одржи работна средба помеѓу дел од родителите и стручниот тим кој работел на новиот предлог закон за образование.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста