Не се знае точната бројка колку македонски државјани се заглавени на странските гранични премини

Заострените мерки на европските земји ги оставија на цедило македонските државјани во странство. Земјава нема конкретна бројка колку наши граѓани се заглавени по странски гранични премини, откако голем број од земјите во регионот ги спуштија рампите за влез на странски државјани. Иако вчера беше најавено враќање на поголема група работници од Австрија и Италија, кои до Македонија требаше да стигнат преку Романија и Бугарија, во земјава дојдоа едвај 10-тина луѓе. Шефот на дипломатијата Димитров вели дека официјалните бројки за тоа колку лица се враќаат во земјава ги добиваат само преку домашните граничари.

„Не беше организиран конвој во смисла на полициска придружба во Романија. Имаше неколку комбиња, имаше многу автомобили меѓутоа не беа организирани во колона со придружба. Значи патувањето се одвивало индивидуално. Тешко е да се претпостави прво точна каква е бројката, ние точната бројка можеме да ја добиеме врз основа на извештаите на граничната полиција на Деве Баир“, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Над стотина македонски граѓани се затечени во Шпанија. Преку социјалните мрежи алармираат оти во земјава требало да се вратат со лет на 20 март, но Владата до тогаш ќе го затвори скопскиот аеродром. Димитров вели кога се носат одлуки треба да се има предвид и добро состојбата на нашинците во странство, но и здравјето на граѓаните дома.

„Имаме актуелен проблем со Малта, Барцелона и други места и ќе се обидеме преку ДКП-ата и оваа телефонска комуникација да добиеме попрецизна слика и да најдеме решение што ќе биде прво помош за нашите граѓани што се во ваква очајна ситуација пред се фокус на македонските граѓани кои што немаат престој во трети држави“, додава тој.

Алфа го праша министерот дали Владата би направила исклучок летот од Барселона да слета на затворениот аеродром – тој директно не одговори, но премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, кој на прес конференцијата стоеше зад Димитров, децидно рече „НЕ“.

И наместо во групен карантин како што беше ветено, стотици македонски државјани кои секојдневно влегуваат во земјава од ризичните европски држави заминуваат до домашна самоизолација. Надлежните се правдаат оти тие потпишале согласност да ги почитуваат мерките на Владата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста