Не се знае колку попишувачи се невакцинирани: Стартува пописот, граѓаните стравуваат од ковид 19
На само ден пред стартот на пописот, Државниот завод за статистика не знае колку точно попишувачи се вакцинирани. Последната позната бројка е од периодот кога тие се пријавувале, пред еден месец, а дури една третина биле невакцинирани. Многумина од граѓаните најавија дека во ек на пандемија, во моменти кога луѓе без вакцина не смеат да влезат во кафеана, кафуле, трговски центри и каде уште не, нема да смеат да влезат ниту во нивните домови.
-Немаме идеално точна бројка бидејќи пријавувањето за учество во пописот започна, некаде почетокот на август. Од тие, бидејќи во пријавата кажуваат дали се вакцинирани или не се. Значи од оние кои што се веќе ангажирани, две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не се вакцинирани се вакцинирани во овој период не знаеме, изјави Симовски.
Не баш прецизно разјаснето, но Статистика барем на документ имале решение за домаќинствата кои нема да сакаат да примат невакциниран попишувач, ќе им биде пратен вакциниран, но не во истиот момент, туку во договор ќе се одлучело кога. Ваквата ситуација може да биде доста проблематична и да создаде вистински хаос, ако се знае дека пописот трае само 25 дена. А се поставува прашањето колку од домовите ќе побараат исклучиво имунизиран попишувач, што секако може да доведе и до оддолжување на пописот, кој пак и да заврши во предвидениот рок, влегува во предизборната кампања за локалните избори.
-Најважната работа е што ние ќе ги почитуваме сите пропишани протоколи за цело време на попишувањето и никако нема да доведеме во опасност да оваа зараза се шири понатаму. Меѓутоа, таму каде што граѓаните ќе инсистираат да бидат попишани од вакциниран попишувач, тоа ќе се случи. Техниката и начинот ќе зависи од тоа каде, кога се побарало и слично, ние ќе го обезбедиме тоа се разбира. Тоа се разбира нема да биде истиот момент, ќе се договориме кога и во кое време да дојде лице да ги попише, изјави Симовски.
Во пописот ќе бидат вклучени и луѓе вработени во администрацијата, но според директорот на Статистика, за среќа нивниот број немало да биде преголем.
-Ова е една мерка која што ни ја даде Владата на располагање, онаму каде што ќе нема ако се случи да нема, среќната околност е што не во многу места имаме таква потреба, изјави Симовски.
Она што може да биде плус голем проблем околу овој попис и доаѓањето до реалните бројки на крајот, е што има најави од голем број луѓе дека нема да им отворат врата на попишувачите, за попис кој се спроведува во ек на пандемија, кога бројките на заразени и починати се алармантни.
Матеја Петровски