Не се знае колку наши граѓани се заглавени во карантин во Италија, ниту пак, колку патувале за 8 март викендов

Се уште не се знае колку македонски државјани во моментов се наоѓаат во карантин на северот на Италија. Според проценките, над 10 илјади Македонци живеат и работат во регионот на Пјаченца, најголем дел со потекло од струмичкиот регион. Нема информации ниту колку туристи отидоа да го прослават Денот на жената во Милано, Венеција и Рим. Туристичките агенции имаа закажано бројни тури, но постепено почнаа да ги откажуваат, откако коронавирусот драстично се прошири во северна Италија. До пред 10-тина дена се знаеше дека околу 250 луѓе решиле и покрај препораките да не се патува, за 8 март да бидат во Италија. Од „Го травел“, една од агенциите која имаше аранжмани, денеска за Алфа потврдија дека сепак ги откажале сите патувања.

„Никој од кај нас не отиде во Италија, дел се префрлија за Прага и во моментов се враќаме оттаму. Не се реализираше ниту една наша тура за Италија“ – велат од ГО ТРАВЕЛ.

Откако италијанските власти вчера ставија во карантин 16 милиони граѓани по големиот број на смртни случаи од корона во земјата, македонското МНР издаде ново предупредување до граѓаните да не патуваат во регионите под карантин, но и да избегнуваат непотребни патувања во остатокот од земјата. Генералниот конзулат во Венеција, пак, поради превенција, нема да работи со странки освен во исклучителни и итни случаи.

„Препорачуваме нашите граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. – се вели во соопштението на МНР.

Директниот транспорт од Македонија до Италија и обратно, по авионски пат е оневозможен. Освен до Рим, нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ викендов реши да ги прекине летовите до Милано, Тревизо и Бергамо, заради состојбата со коронавирусот. Сепак, превозот со автобуси и комбиња до вчера беше редовен. Токму на овој начин влегоа во земјава тројцата заразени со корона, една 50-годишна и брачен пар од Дебар.

https://studio.youtube.com/video/hCP-hHk82DI/edit

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста