Не се прислушувало преку мебелот поради кој Катица Јанева падна во „Рекет“- случајот е далеку од решен!

Не се прислушувало преку неколкуте парчиња луксузен италијански мебел вреден 5.000 илјади евра, кој на Катица Јанева  и донесе 30 дневен престој во Шутка. Подарокот кој таа го добила од осомничен во случајот „Империја“, и ја донесоа и нејзе титулата осомничена во „Рекет“. Токму гарнитурата од нејзиниот дом предизвика бура шпекулации во јавноста, а најсилно одекна онаа дека во неа имало уреди за прислушување. Она што исто така падна во очи, беше и заплената на мебелот кој со товарно возило на полицијата, како доказен материјал беше однесен од куќата на улицата Стрежова во Скопје.

Подарокот кој Јанева го добила сега е во рацете на Обвинителството, а како тој ќе им помогне во текот на истрагата останува нејасно, бидејќи од таму за Алфа велат дека во него апаратура за прислушување немало.

-Во мебелот што во текот на вчерашниот ден беше одземен од осомниченото лице не се откриени инсталации на уреди за прислушување, велат од ОЈО за Алфа.

 Во јавноста се поставува и прашањето од каде бил луксузниот мебел купен, дури има и шпекулации дека истиот кој ја пресели Јанева од Козле во Шутка, воопшто не бил ниту платен. Но, прашањето кое исто така се поставува е дали Јанева ќе биде последната која ќе биде опфатена со „Рекет“, ако се знае дека постојат сомнежи за вмешаност и на други лица, а меѓу нив и политичари од власта. Обвинителката која го застапува овој предмет, Вилма Русковска потврди дека истрагата не е затворена, дека можеби покрај нејзината колешка и нејзините нови соседи, Боки 13 и Зоки Кичеец, ќе има и други осомничени во наредниот период.

-Се уште е отворен, истражуваме и понатаму, изјави кратко Русковска одговарајќи на новинарско прашање.

Иако мина повеќе од еден месец откако Боки 13 е во Шутка, дури сега во истрагата се вклучува и УЈП, од каде од утре ќе почне проверка на сметките на сите субјекти поврзани со Бојан Јовановски, а тоа се БМЈ медиа груп, невладината Меѓународен сојуз и 1 ТВ. Инаку, договори за соработка со невладината на Боки 13 имаа повеќе општини и министерства , а на нејзиното основачко Собрание беа портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, актуелниот заменик градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи, а титулата почесен претседател ја доби пратеничката од власта, Фросина Ременски.

-Од утре даночните инспектори на УЈП ќе го проверуваат финансискиот прилив и одлив на пари од фирмите поврзани со Бојан Јовановски. Ќе направиме контрола и на сите оние засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за што ќе ги утврдиме исплатите што се направени, изјави Лукаревска.

Инаку истрагата за „Рекет“ уште од самиот старт крена прашина во јавноста, пред се поради спороста на Обвинителството, проблем за кој говореше и експертската јавност. Новинарот Сашо Димовски во гостување на Алфа изјави дека очекувал ваква разврска, но на 15-ти минатиот месец, а не сега. Според него доколку не бил притисокот од јавноста Јанева ниту сега немало да биде осомничена и притворена.

-Прво што јас очекував минатиот месец кога ги затворија нив двајца, да побараат за нејзе суспендирање од позицијата, за да не може да забришува по дома некакви компјутери, па макар и на стручните соработници, да прави и да наредува работи во СЈО и под сомневање на уништи или прикрие докази, изјави Димовски во гостување на Алфа.

Луксузната софа во скопско Козле, Јанева барем 30 дена ќе ја замени со ќелија во истражниот затвор Скопје, каде поради нејзината специфична улога во општеството ќе има само една цимерка.

Матеја Петровски