НБРМ: Раст на инфлацијата и јавниот долг

Цените ќе продолжат да растат, животниот стандард ќе опаѓа. Народната банка предвидува зголемување на инфлацијата која годинава ќе достигне 2,2%. Главните ризици ќе доаѓаат од цените од увоз. Се очекува драстичен пораст на цените на нафтата и храната. Сепак, гувернерката смирува дека овој раст на цените ќе биде привремен, по што догодина инфлацијата ќе биде нешто пониска, односно околу 2 отсто.

Јавниот долг кој надмина 60% од БДП ќе продолжи да расте. Гувернерката предупредува, штом критичната граница е надмината, Владата треба да биде многу внимателна во управувањето со јавните финансии. Неопходна е итна фискална консолидација како бројките би останале во сигурната зона. За неа, најавите за нови задолжувања се очекувани за финансирање на буџетскиот дефицит предизвикан од големите издатоци за здравствени потреби и помош на граѓаните и стопанството. Сепак, апелира на крајна внимателност во управувањето со народните пари.

Економскиот раст годинава ќе достигне 3,9% – стои во најновата пролетна проекција на НБМ. Притоа, поголем придонес кон растот ќе има домашната побарувачка, а послаб извозот. Главните ризици доаѓаат од пандемијата, дома поради бавната вакцинација на населението, а однадвор поради евентуално побавно закрепнување на најважните трговски партнери, проследено со пониски странски инвестиции и дознаки од иселениците. Предпандемиското ниво економијата ќе го достигне дури догодина. При пролонгирање на последиците од пандемијата, растот ќе биде помал, односно 2,9%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста