НБРМ: 5,4 милиони евра се одлеале од јуни до септември, Каде се Гугл,Икеа,Фејсбук…?

Ниту доаѓаат нови инвеститори, ниту пак постоечките работат успешно. Веќе 6 месеци наместо прилив, има одлив на девизи. Во периодот од јули до септември одлеани биле 5,4 милиони евра. Поразителните податоци за странските инвестиции во земјава ги објави Народната Банка. Падот кај странските инвестиции е резултат на тоа што фирмите послабо ја реинвестирале добивката, а имало и зголемување на долговите меѓу компаниите.

Во текот на третиот квартал од 2020 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-одливи од 5,4 милиони евра, како резултат на намалената реинвестирана добивка за 37,7 милиони евра, при зголемени инвестиции во меѓукомпанискиот долг и сопственичкиот капитал (за 24,1 и 8,2 милиона евра, соодветно)“ – објавуваат од Народна банка.

Лошите резултати во последните две тримесечја придонесоа за 9 месеци во Македонија да влезат едвај 119,5 милиони евра. Ова е една од најслабите години во привлекување инвеститори од други земји.

За потсетување, пред само неколку месеци, премиерот Заев уверуваше дека во земјава ќе влезат најмалку 3 звучни имиња на странски компании. Најавите за вложување на ИКЕА, Фолксваген, Гугл, Фејсбук, останаа само на тоа, на најави. До денеска нема никаква информација дека овие фирми направиле конкретни чекори за да инвестираат во Македонија. Премиерот уште пред две години најавуваше дека по членството во НАТО најверојатно ќе има потврда за вложување од овие компании.

Не само што во Македонија не влегоа инвеститори како ИКЕА, Гугл и Фејсбук, туку само во последниве неколку месеци беа раскинати договори со 4 странски компании и тоа со германската Кеслер, албанската Саген и две турски фирми Џемдаг Лајтенинг и Доган Отомотив. Имало договори, но тие не започнале со активности, па инвестициите беа откажани. И додека земјава тапка во место во процесот на привлекување странски инвестиции, соседна Србија полека се наметнува како лидер во регионот. Јапонската „Нидек“ одлучи во близина на Нови Сад да отвори фабрика и да инвестира две милијарди евра.

Инаку и ланската година кога се уште немаше корона криза беше просечна. Во земјава беа регистрирани странски инвестиции во висина од 326 милиони евра. За време на пандемијата, беа регистрирани нови 46 илјади нови невработени, од кои Владата тврди дека само 16 илјади луѓе останале дома како резултат на економските последици од Ковид-19.

Тања Попова