Навредите на Реисот кон Македонците, ги разгневија и верниците муслимани – бараат реакција од надлежните

Ако институциите не реагираат на изјавите на поглаварот на ИВЗ со кои шири говор на омраза и верска нетрпеливост , тој ќе биде дополнително охрабрен да прави уште поголем јаз меѓу верниците, вели за Алфа поранешниот генерален секретар на ИВЗ, Африм Тахири. Според него, Реисот Сулејман Реџепи се повеќе го губи интегритетот кај верниците, по низата изјави во кои директно ги навредува граѓаните.

Ова не прв пат поглаварот на исламската заедница да ги навредува Македонците. И во 2014-та Реисот повикуваше на верска и национална омраза, па во изјави тогаш велеше дека македонските муслимани се Албанци.

Од Движењето на муслимани за реформи во ИВЗ велат дека институциите остануваат глуви за изјавите на Реџепи, но не реагираат ниту на нивните пријави поднесени уште во 2015-та и 2016-та кога според нив Реисот ја злоупотребил својата положба како поглавар на верска заедница.

Денеска и Владата го осуди наративот на Реџепи, за кој тој лично се пофали на социјалните мрежи објавувајќи видео во кои македонскиот народ го окарактеризира како исклучително див, па оттука нема идентитет ниту ќе го има. Против Поглаварот на ИВЗ вчера кривична пријава поднесе Хелсиншкиот Комитет, но никаква реакција нема од надлежното Обвинителство.

Ивана Соколовиќ Најдова