Наумовски: Нема изгледи дека нешто ќе се смени на утрешниот Совет за општи работи на ЕУ

Отворените прашања со Софија нема да се решат преку ноќ, што само по себе значи дека Бугарија нема за скоро време да го крене ветото за Македонија, анализира универзитетскиот професот Васко Наумовски во пресрет на утрешниот совет за општи работи на ЕУ. Наумоски вели дека и покрај поблагата реторика на новата бугарска Влада, датумот за почеток на преговорите најверојатно ќе почека до средина на следната година. Тој вели оти тоа што ЕУ нема да даде зелено светло на Самитот во четврток ќе ја стави во многу тешка позиција Владата во Скопје.

„Се уште постојат отворените прашања и новата бугарска Влада најверојатно ќе се посвети на преформулирање на позицијата кон Македонија, но таа позиција нема да значи и кревање на ветото во декември. Истовремено ќе биде тешко за актуелната владејачка гарнитура да објасни како после толку отстепки се уште Македонија не ги започнува преговорите за членство, дури и одржувањето и зголемувањето на владиното мнозинство се темелеше токму на претпоставката дека сега ќе имаме почеток на преговорите“, вели универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Француското претседателство дополнително ќе го одложи проширувањето на ЕУ, сметаат експертите, поради фактот што токму следната година во франција се одржуваат претседателски избори кои ќе бидат приоритет за актуелниот шеф на државата, Емануел Макрон.

„Можеби Франција ќе сака да демонстрира едно поголемо лидерство во ЕУ и на тој начин да ја преземе палката и во останатите политики меѓу кои и проширувањето, меѓутоа до одржувањето на претседателските избори во Франција не очекувам дека ќе се случи одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ“, додава Наумовски.

Во меѓувреме, во ЕУ, слично како и минатата година, сѐ уште не можат да ги усогласат заклучоците во делот на проширувањето пред утрешниот министерски состанок. Спорот меѓу Македонија и Бугарија е една од главните пречки.

Крупно барање на Бугарија е да се вметне повторно реченицата за почитувањето на Договорот за пријателство, како експлицитен дел од процесот на проширување што за мнозинството земји членки на ЕУ било неприфатливо.

Опцијата пак за одвојување на Албанија од Македонија не добила никаква поддршка.

Биљана Божиновска

Advertisements