Научната фела бара видлива јавна дебата за новиот концепт за основно образование, министерството вели дебата има

Научната фела недоволно е консултирана за предложената реформа и нов концепт на основното образование.Концептот како што го има замислено министерството ќе го деградира образованието, реагира дел од експертската јавност. Професорите апелираат дека секоја реформа треба да има темелна подготовка со стручна дебата која во овој случај отсуствува.

Универзитетскиот професор Гоце Цветановски за Алфа вели дека во континуитет се прескокнуваат релевантните институции и не се зема предвид нивниот став при носењето клучни закони.

“Повторно е направена импровизација бидејќи немаше широка јавна дебата и не се земени предвид мислењата на научната фела. Таа реагираше во голем број на ваквиот концепт и мислам дека не е добро на ваков авторитарен начин да се постапува за едно од најважните суштинските прашања, а тоа е образованието како столб врз кој се гради државата. Генерации образование во неповрат.  Министерството за образование треба да поведе повеќе сметка за реформата. Секоја реформа подразбира болни процеси, но тоа не значи дека треба да биде избрзана. Се што е избрзано не носи резултат”, вели Цветановски.    

Цветановски исто така особено реагира и на тајмингот одбран за реформите кои се однесуваат на предметот историја. Тој нема да биде засебен туку со општествени науки ќе се интегрира во еден предмет.

“Министерството за образование и владата не го погодија тајмингот за реформи кои се однесуваат на историјата. Поголем сенс за вакви прашања кога е загрозен идентитетот на македонскиот народ. Тука пред се мислам на јазикот, културата, историјата. Клучно според мене е да не се избрзува со некакви спојувања историјата,а а и сите други предмети треба да опстојат затоа што мислам дека тоа е модел со кој може да се стекнат широка лепеза на знаења”, вели Цветановски.

Алфа упати прашање до министерството за образование за тоа кога се планира јавна расправа за предложените измени со новиот концепт. Во одговорот нема конкретен термин за видлива јавна расправа со експерти од која граѓаните преку медиумите ќе има увид во спротивстваените аргументи. Вакви дебати од министерството за правда минатата година во собранието се организираа за предлог-законот за јавното обвинителство.

Од министерството за образование велат дека концепцијата била направена врз основа на анализи и домашни и меѓународни истражувања и експертски ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование.Од самиот почеток се правеле консултации. Јавната дебата била во тек и ќе продолжела во следниот период.

“Јавната дебата за новата Концепција за основно образование е во тек од средината на декември и ќе продолжи да тече во наредниот период. Од средината на минатиот месец, во консултативниот процес се активно вклучени сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и родители и ученици. Вебинарот за презентација на нацрт концепцијата го следеа сите директори на основните училишта и по еден предметен односно одделенски наставник, односно околу 1000 лица. Презентацијата поставена на Јутјуб ја имаат прегледано над 16.000 лица”, велат од министерството за образование.

Според министерството oдржана била и онлајн конференција со професори и наставници како и дебати со студентскито собрание и професори на ПМФ. Концепцијата е објавена на веб страницата на министерството со цел јавноста да биде вклучена во процесот, а секој до 20 овој месец можел да достави забелешки кои ќе бидат земени предвид.

Изминатиов период за предложениот концепт имаше многу негативни реакции од МАНУ, Институтот за национална историја, за македонски јазик, за педагогија и за социологија како и повеќе факултети, здруженија.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста