Наскоро ковид вакцини и за децата од пет години?

Децата се почесто се заразуваат со Ковид. Овој месец секој четврти потврден случај во Соединетите Држави е кај помлади од 18. Добра вест е што клиничките испитувања покажуваат дека вакцините најверојатно ќе можат да ги штитат и најмладите.

Ковид вакцината на „Фајзер“ е веќе одобрена за сите постари од 12 години. Нејзината примена веројатно ќе биде проширена. Компанијата соопшти дека делува и кај децата од 5 години.

„Многу сум задоволен да соопштам дека ги имаме првите податоци кои ќе ги доставиме до Администрацијата за храна и лекови кои покажуваат силен имун одговор и задоволителен безбедносен профил за mRNA вакцината на „Фајзер/Бионтек“ кај децата од 5 до 11 години“, вели д-р Бил Грубер, потпретседател на „Фајзер“

„Фајзер“ тестираше многу помала доза за малите деца, околу една третина од она што го добиваат поголемите деца и возрасните. Компанијата ги сподели овие податоци со специјалисти за заразни болести како д-р Френк Еспер.

„И покрај помалата доза кај помалите деца, таа всушност покажа дека е посилна во споредба со податоците што ги имавме кај повозрасните старосни групи. Гледаме робустен одговор на антитела, се постигнува потребниот праг за заштита“, рече д-р Френк Еспер, детска болница во Кливленд.

Иако децата имаат помал ризик за сериозна болест и смртен исход од Ковид-19 во споредба со возрасните, бројот на случаи кај најмладите е во пораст зашто варијантата Делта е позаразна од претходните.

„Имавме повеќе луѓе кои бргу се пријавија за испитувањето отколку што можевме да вклучиме“, вели д-р Бил Грубер, потпретседател на „Фајзер“.

10 годишната Маја Хјубер од Њу Џерси била една од повеќе од две илјади деца кои учествувале во клиничките испитувања. Нејзината мајка, д-р Ниша Ганди, е лекарка во интензивна нега.

„Да гледате како луѓе умираат од Ковид, да се плашите дека ќе го донесете дома кај своето семејство, беше и се уште е застрашувачко“, вели д-р Ниша Ганди, родител на дете вклучено во испитувањата.

Семејството не знае дали Маја добила плацебо или вистинска вакцина. Но, Маја знае што сака кога ќе биде целосно имунизирана.

„Првата работа што веројатно ќе ја направам е да ги викнам сите другари на спиење кај мене“, рече Маја Хубер, учесничка во испитувањата.

„Фајзер“ планира да почне да ги доставува податоците до Агенцијата за храна и лекови до крајот на септември. Доколку е се во ред регулаторот може да ја одобри за деца од 5 до 11 години во текот на октомври.

Брзото одобрување може да помогне во спречување на ширењето на вирусот во училиштата.

Во меѓувреме Американската Администрација за храна и лекови одобри користење на трета доза од вакцината на „Фајзер“ за постарите од 65 години, како и за оние со одредени хронични заболувања.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста