Народна банка прогнозира инфлација од 3,1%, нема потреба од инстантни мерки

Инфклацијата расте, ама таа се уште е во контролирани рамки, објави денеска Народната банка. Монетарната власт ја корегира проекцијата за растот на инфлсцијата годинава од 2,2 на 3,1%. Ризици има, но монетарната власт сепак не очекува зголемени шокови во наредниот период за кој би биле потребни и инстантни мерки. Напротив, прогнозата е дека во 2022 година ќе има и одредено ниво на стабилизација.

  • Засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки и нема потреба од инстантни реакции и мерки на Народната банка. Следната година инфлацијата ќе се стабилизира и проектираме стапка на инфлација во 2022 година од 2,4 проценти, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок, изјави Бежоска.

Клучниот ризик е енергетската криза и нејзиното влијание дома, но и во меѓународни рамки. Удар е очекуван но за драматични последици засега не може да се зборува.

  • Се разбира доколку има пролонгирани ефекти ќе се одразат на повеќе сегменти. Затоа, како што споменав, правиме умерена нагорна корекција и на трговскиот дефицит, а причината е токму порастот на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка, рече гувернерката.

За разлика од инфлацијата, Народната банка не ја менува прогнозата за економскиот раст годинава кој останува на ниво на априлската проекција од 3,9% На среден рок растот ќе биде умерен, а економијата би се нормализирала на нивото од пред корона кризата веќе во 2022 година, а не годинава како што претходно се очекуваше.

Гувернерката уверува дека ситуацијата будно се следи и дека централната банка има на располагање низа инструменти кои соодветно би се искористиле доколку е потребно со цел да се задржи макроекономската стабилност.

  • Будно ги следиме состојбите особено кај енергетскиот сектор и кај глобалниот раст на цените, но засега не се очекуваат шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, додава Ангеловска-Бежоска на прес-конференцијата посветена на ноемвриските проекции.

Ризиците за растот генерално се поврзани со пандемијата, нарушувањата на синџирите на снабдување, како и енергетската криза. Од Народната банка очекуваат до година да дојде до стабилизирање на состојбите во енергетскиот сектор. Народната банка има и алтернативно попесимистичко сценарио според кое растот би бил помал за 1,2%, под претпоставка доколку се намали странската побарувачка. Постојат и позитивни ризици – како што се ефектите на Планот за забрзан економски раст кои што не се вградени во најновите макроекономски проекции.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста