Народна банка проектира: БДП годинава ќе падне за 3,5 проценти

Силен шок на економијата – Народната банка предвидува оти годинава ќе ја завршиме со рецесија од 3,5 проценти. Корона кризата ќе ја почувствуваат и работниците и бизнис секторот. Првите помалку ќе заработуваат и помалку ќе трошат. Фирмите пак помалку ќе произведуваат и помалку ќе инвестираат. Рестриктивните мерки кои оставија илјадници работници без редовни месечни примања, негативно ќе влијаат на потрошувачката моќ на граѓаните. Според Народната банка, личната потрошувачка ќе се намали за 4 отсто.

„Поради пад на личниот доход во услови на помалку поволен пазар на труд и пад на приватните трансфери, забавување на кредитната поддршка и секако зголемената неизвесност која може да влијае врз одлуките на потрошувачите“, вели гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Погодени од корона кризата ќе бидат и компаниите кои работат за странски пазари. Побарувачката на домашни стоки и услуги во странство ќе се намали за пет отсто, а пад ќе има и кај извозот и тоа од 17 проценти. Негативни се и прогнозите за капиталните инвестиции – тие годинава ќе се намалат за 10 отсто. Но, сепак, државата ќе троши онолку колку што планирала – јавната потрошувачка нема да трпи.

„Оваа година очекуваме видлив ефект кај странските директни инвестиции, ги ревидираме надолу и ги проценуваме на ниво од 1,6 проценти“, додава таа.

Падот на цената на нафтата и енергенсите позитивно ќе влијае на инфлацијата. Од Народната банка оптимисти раст на цените нема да има.

Инаку, според проекциите на Централната банка, економијата ќе се стабилизира следната година, кога се очекува раст од 4,7 проценти. Сепак, и ова сценарио би можело да биде ризично. Доколку кризата се пролонгира, а странската побарувачка падне, тогаш и БДП би можело да се намали за дополнителни 2,3 проценти.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста