Народна банка: Инвестициите ќе го покренат економскиот раст, загрижуваат перформансите на Германија
Економски раст од 2,3% и инфлација до 3,5% годинава. Народната банка ги намали проекциите за перформансите на македонската економија. Причините главно се лоцираат во послабите остварувања во првите 6 месеци и намалената побарувачка од странство. На растот негативно влијаат состојбите со извозот, а позитивно инвестициите и растот на потрошувачката. Народната банка смета дека двигател на растот ќе бидат инвестициите, односно капиталните проекти финансирани од државата, странските инвестриции и вложувањата на бизнисот. Геополитичките ризици остануваат, а загрижуваат и резултатите на германското стопанство кон кое македонската економија е најмногу изложена.
Народната банка не ја промени проекцијата за инфлација од 3,5% годинава, по минатогодишните 9,4%. Цените на храната и енергијата на светските берзи полека се намалуваат, но цените нам металите остануваат повисоки од предпандемиските нивоа, што ќе биде значајно за македонската металопреработувачка индустрија. На среден рок се очекува стабилизирање на инфлацијата до нивото од 2%, но главните ризици доаѓаат од цените на основните производи поради геополитичките услови, климатските промени и домашните политики. Народната банка веќе почна да ја олабавува монетарната политика и два пати ја намали основната камата.
Народната банка предвидува македонската економија следната година да расте со стапка од 3,3%, а инфлацијата да достигне 2,5%. Очекувањата се дека странските инвестиции и приватните трансфери од странство да останат на исто ниво. Девизните резерви треба и натаму да растат од сегашното ниво од 4,9 милијарди евра. Кредитирањето до крајот на годинава ќе расте со стапка од 7,5%, а депозитите ќе се зголемат за 7,9%.