Народна банка и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка и ќе поднесе барање за стечај

Пропадна „Еуростандард банка“. Народната банка и ја одзема дозволата за работа и веќе утре ќе поднесе барање за отворање стечајна постапка пред надлежен суд. Банката со години работеше со загуби, но и покрај напорите да застане на нозе, тоа не се случи. Гувернерката на Народната банка рече дека „Еуростандард“ ја изгубила дозволата, бидејќи не ги исполнувала минималните услови за работа. Давала кредити кои не можела потоа да ги наплати. Банката била под засилен надзор на централната банка и имала поголеми ограничувања за кредитирање, но и покрај преземените мерки, ризиците останале, па таа завршила со адекватност на капиталот од само 2%. Клучот на врата бил неизбежен.

По колапсот на банката доаѓа најтешкиот дел – обесштетувањето на клиентите „тешко“ 71 и пол милион евра на 136 илјади штедни сметки. Исплашени од тоа што ги очекува и дали ќе им пропаднат парите во банката, попладнево, централата во центарот на Скопје беше преплавена од нервозни штедачи. Интервенирала и полицијата, која по некое време успеала да воспостави ред. Од Фондот за осигурување на депозити велат дека имаат пари и дека 99,4% од луѓето ќе биле обесштетени. Сепак, 780 лица нема во целост да си ги добијат парите назад, бидејќи нивните влогови надминуваат 30 илјади евра, колку што изнесува лимитот кој го покрива Фондот за осигурување.

Со затворањето на „Еуростандард“ 170 вработени ќе останат без работа. Се уште не се знае што треба да прават луѓето кои земале кредит во банката. Гувернерката ги повика останатите банки да преземат дел од кредитите и вработените. Сепак, стечајниот управник ќе одлучува на кој начин ќе се враќаат земените кредити од „Еуростандард“.

„Еуростандард“ беше формирана во 2001-та година, а во јануари 2014-та го купи државниот удел во Поштенска банка. По низа тешки години, лани Комерцијална банка требаше да ја купи Еуростандард, но договорот пропадна, бидејќи банката ја надмина привремено кризата. Мнозински акционер е бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски.

Гувернерката Ангеловска -Бежоска тврди дека и покрај пропаѓањето на „Еуростандард“, банкарскиот систем е стабилен, бидејќи оваа банка имала незначително учество во депозитната и кредитната база од неполни 2%. Другите банки имале адекватност на капиталот од 17,2% што е двојно повеќе од законскиот минимум, а нефункционалните кредити изнесувале само 4,7%. Растот на кредитите на крајот на јуни изнесувал 6,6%, а на депозитите 8,4%

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста