Народен правобранител: Граѓаните најмалку му веруваат на судството

Македонското судство и натаму останува темна точка во земјава и ги става граѓаните на маки. Бројот на поднесени претставки годинава најмногу се однесуваат на судската власт. Тие за разлика од претходната година се двојно зголемени, констатира Народниот правобранител. Во 2018, биле поднесени дури 947 претставки за работата на судовите.

И после повеќе од две децении се уште има проблем со стечајот, но и со денационализацијата. Институцијата примила повеќе од 300 претставки за стечајот на Охис од поранешни вработени во некогашната фирма.

Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека нема позитивна промена ниту во ефикасноста на јавното обвинителство.

  • Долгото траење на постапките, е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на поплаките на граѓаните кои изразуваат незадоволство од судските одлуки, за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно и под притисок на политичка мотивираност, рече заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска, при презентирањето на годишниот извештај за работата на оваа институција.

Граѓаните се жалат и на потрошувачките права и другите права, како што се од работен однос и социјалните права. За околу 60% е зголемен бројот на претставки во врска со правата од работен однос.

  • Констатиравме дека продолжува праксата на „партиски ревашизам“, после спроведување на избори, што особено беше видливо во сфетата на образованието и детската заштита, при изборот на кандидати за вработување, но и при трансформација на вработените од определено на неопределено време. Ниту констатациите на инсепкциските надзори во однос на избраните кандидати не не убедија дека објавените конкурси за вработување се бираат лица со најдобри компетенции, рече Бајрамовска.

Граѓаните освен на работата на судската власт и партиските вработувања, се жалеле и на несоодветните услови во затворите кои со години биле лоши. Нема подобрување ниту во здравствената заштита, ниту во исхраната ниту пак во хигиенските услови.

Народниот правобранител посочува на кршење на полициските овластувања, при што вели дека се поднесени и три барања за казнена одговорност на службени лица кои постапиле незаконски.

Повреди на правата има и во областа на социјалната и детската заштита, потрошувачките и имотните права. Народниот правобранител извештајот го достави до Собранието и бара да се согледаат нотираните слабости и да се изнајдат алатки за ефикасни решенија.

Борис Грујоски