Народ на улица, блокада на Собранието или избори- што е решение после вчерашниот ден?!

Народ на улиците, блокада на Собранието, брзи предвремени избори, кое е решението за моменталната политичка состојба во Македонија? И за трите опции гласно се говори во јавноста. Дел од граѓаните сакаат итно изборно соочување, дел се за протести. А сигурно во наредниот период ќе се знаат и потезите, кои ќе ги повлече опозицијата за новата криза во која западна Македонија.

За ВМРО-ДПМНЕ најдобро решение во моментов е организирање на брзи предвремени избори, а кои ќе бидат чекорите доколку тоа не биде прифатено, ќе одлучуваат органите на партијата.  

-Кажав најбрзо решение за излез од политичката криза се брзи предвремени избори, очекувам деновиве да се договориме и да се реализираат брзи предвремени избори. (Ќе има протести, блокада на Собранието, како ќе реагирате?) Ќе заседаваат органите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе известиме за сето она што се следни чекори, секако и ќе се консултираме со нашите партнери во коалицијата и во рамките на оваа партиска соработка која што ја имаме со другите партии, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Повик за радикализација на политичката состојба стигна од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, тој вели дека со ваквото однесување на власта, се губела поентата на изборното соочување.

-Мислам дека оваа власт не паѓа милум и треба радикализација на состојбите. Тоа значи радикализација на опозицијата. Јас сум на тој став, бидејќи очигледно тие ги користат сите полуги на власта да оневозможат демократска транзиција на власта. Тие со вакви методи можат да стигна и до 90, тогаш се губи поентата на изборите, изјави Апасиев.

На социјалните мрежи врие од незадоволство од вчерашните случува, постојат сомнежи дека Кастриот Реџепи потегот не го направил по своја волја, туку бил притиснат од власта.

-Време е за првите ЗАЕДНИЧКИ протести на македонската и албанската опозиција за рушење на режим!!!, се вели во еден твит.

Уште ли мислите дека не е време за бојкот и протести до крај за криминалното узурпирање на системот од Зоран Заев? Црпко не си оди така, научен е да купува и продава неморални луѓе!, се вели во друг твит.

-Народ на улица му е мајката. Друго чаре, а ни време НЕМА!, се вели во друг твит.

Јасно е дека вчерашниот ден сигурно нема да донесе помирни политички денови наредниов период, а какви ќе бидат потезите на опозицијата сигурно зависи и од потезите на власта. Односно дали ќе биде прифатен повикот за предвремени избори или не.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста