Напната собраниска седница за планот на владата да ја откупи “ГА МА” од Макпетрол

Власта на сила и шверцерски сака во собранието да помине спогодбата со која владата ќе ги откупи акциите на Макпетрол во претпријатието за пренос на гас ГА МА,обвинува опозицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ владеачкото мнозинство предводено од спикерот Џафери има намера ова да го релизира преку исцрпувачка дебата која според бројот на пријавени пратеници за збор ќе трае преку 25 часа. За опозицијата се работи за штетна спогодба со која државата на Макпетрол ќе му плати 15 милиони евра повеќе од уделот на оваа компанија во ГА МА. Во договорот доставен на собранието се вели дека вредноста на претпријатието за пренос гас изнесува над 37 милиони и 600 илјади евра. Владата и Макпетрол имаат по над 18 милиони и 800 илјади. Но владата ќе го купи уделот на Макпетрол за речиси 33 милиони евра.

Пратениците од опозицијата посочија дека премиерот не ги почитувал ниту препораките на државниот правобранител дека спорот не може да се реши во собранието. Сепак Заев во усвојување на спогодбата од страна на законодавниот дом нашол соломонско решение за нешто што никој не сакал да го потпише.

“И на крај после неколку дописи помеѓу владата и Народниот правобранител спогодбата доаѓа на потпис во собранието како соломонско решение. Тогаш на Итар пејо од Муртино да ја превесла опозицијата, да ги изигра граѓаните и на име на колективна одговорност ова акриминална спогодба да му ја изгласаат неговите послушни пратеници”, рече Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.

За власта пак придобивките од усвојувањето на спогодбата се решевање на проблем настанат во минатото и решавање на проблемот со снабдување со гас.

“Решевање на спор за кој многу влади до сега немале одлучност да најдат решение. Придобивката од овој закон е да се развие гасоводен систем. Придобивката е да не бидеме заробеници само на една гасна врска или монопол”, рече Мартин Костовски од СДСМ.

Опозицијата предупреди дека со усвојувањето на ваква спогодба во собранието се урива правната држава и поделбата власта. Решавање судски спор со закон е невозможно вели Сиљановска.

“Ова собрание би можело да донесе одлука. Не закон. исто така јас очекувам ако го изгласате овој закон во гимнастичка рачна вежба, претседателот да се одважи и да стави вето”, рече Гордана Сиљановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите се убедени дека законот е во интерес на државата.

“Дали високиот држаевн интерес не бара разрешница преку највисокиот законодавен дом кој ќе даде согласност на висок државен интерес? Дали не е во државен интерес спроведувањето на законот за енергетика?”, рече Снежана Калевска – Ванчева од СДСМ.

Владата и Макпетрол водеа спор околу сопственоста на ГА МА. Минатата година се согласија вонсудски да го решат спорот. Според Законот за енергетика кој беше донесен во 2018 Министерството за економија треба да биде доминантен сопственик. Макпетрол изрази подготвеност да го продаде удлот во системот за пренос на природен гас.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста