Напливот на мигранти на југоистокот не престанува, денеска фатена нова група

Нова група од околу 10-тина мигранти од Бангладеш денеска беа фатени од страна на граничната полиција, на патот Струмица-Валандово, на која наиде екипата на Алфа. Полицијата чекаше мигрантите да бидат спроведени во Транзитниот Центар, со специјално возило. Но, дали и колку ќе се задржат тие таму? Мигрантите влегле преку високите струмички ридови и ниту горештината, ниту непреодниот терен не ги спречуваат да го бараат својот спас.

Напливот на мигранти на Југоистокот не престанува. Иако по информацијата дека во транзитниот центар во Гевгелија има само 22 мигранти, од над 15 000 фатени за само 6 месеци годинава, сепак бројот на фатени мигранти секојдневно варира од 100-200, а во последниве неколку дена, мнозинството од нив се фатени на патот Струмица-Валандово.

Поголемиот број мигранти кои во последниве неколку дена беа фатени во струмичкиот регион, беа забележани како бегаат токму на овие ридови над и околу Струмица. Тоа не ги спречи да влезат и во градот, што доведе до дополнителен страв и паника помеѓу жителите на Струмичкиот регион од ширење на корона вирусот.

И додека мигрантите под сенка го чекаа превозот до Гевгелија, на нивните лица се гледаше разочараноста од неуспешното бегство. Според полицајците кои беа на терен, во последно време се помал е бројот на жени мигранти, а поголем на млади мажи, кои транзитираат низ земјава. Нивниот обид за транзитирање се почесто завршува со сообраќајни несреќи.

Зад нас е местото на кое пред само неколку дена се преврте комбе со мигранти. 14 од нив завршија во болница. Која е цената која ја плаќаат мигрантите за да стигнат до крајната цел? Само оние кои ќе ги поминат сите пречки добиваат шанса за нормален живот.

Градоначалникот на Струмица – Коста Јаневски по којзнае колку време излезе со изјава за медиумите и тоа на само неколку дена пред изборите. Тој јавно ја префрли топката на Министерството за внатрешни работи, за напливот на мигранти. За потсетување, во време кога СДСМ раководеше со МВР штипскиот началник беше фатен во шверц на мигранти. Истиот денеска е советник во кабинетот на директорот на Бирото за јавна безбедност – исто така кадар на СДСМ.

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста