Нападите на полицијата стануваат секојдневие- нападнати полициски службеници во центарот на Скопје

Нападите на полициски службеници како да стануваат секојдневие во Македонија. Бура реакции во јавноста предизвика видеото каде се гледа како полицајци се нападнати, бидејќи сакале да легитимираат лице во алкохолизирана состојба, кое не носело маска. Ова е уште еден во серијата напади кон припадници на полицијата последниов период. Во овој случај полицајците дури и добија закани дека со еден телефонски повик ќе бидат казнети, затоа што според она што може да се види на видеото објавено на социјалните мрежи, си ја работат својата работа.

-Да да, ќе видиш во станица, ќе видиш на дисциплинска, ај сега ќе се јавам јас. Сите ќе бидете казнети… Да знаеш ќе биде полошо за тебе многу… Снимај брат, се слуша во видео материјалот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека настанот се случил на четврти октомври, неколку часа по полноќ, а по целосно документирање на случајот, против две лица ќе била поднесена соодветна пријава.

-Лицата веднаш се лишени од слобода и спроведени во ПС Центар, каде им бил утврден идентитетот. Лицето што не носело маска и агресивно се однесувало е А.Т. (20) од Скопје, а лицето што физички нападнало полициски службеник е И.М. (22) исто така од Скопје. За целиот настан е изготвен соодветен службен материјал. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат, велат од МВР.

Пред 10тина дена од страна на дрвокрадци во Велес беа нападнати петмина полицајци, од кои еден се здоби со фрактура на черепот, на коските на лицето и фрактура на подлактницата. По овој напад во полицијата, министерот Спасовски кажа дека очекувал бргу да реагирало Обвинителството, а најави и отворање дебата со цел да се најде да се демотивираат напаѓачите на полициските службеници.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста