Наместо здравствени протоколи, засега само препораки за гласање на избори

Какви избори ќе имаме на 15 јули од здравствен аспект се чини никој не знае. Здравствените власти молчат, а надлежните кои треба да ги организираат и спроведуваат изборите не ја кријат загриженоста. Велат дека наместо здравствени протоколи, од Владата за сега добиле само препораки. Властите најавиле дека ќе им го испратат протоколот, со предупредување дека тој е со одредена класификација, односно преставува таен документ.

Добивме класифициран протокол, односно таен, иако тој треба да се спроведе до сите и да ги едуцираме граѓаните како би гласале. До Влада испративме барање да ни го испратат тој протокол, но за возврат добивме препораки- вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Според препораките од Комисијата за заразни болести, нема да се носат заштитни ракавици поради спрејот кој се користи за контрола на гласањето, нема да се мери температура на влезот на избирачкото  место, гласачите ќе треба да ја извадат маската за да може надлежните да ги идентификуваат,  но сепак изборите ќе се одвиваат со маски и дезинфекциони средства. Останува дилема дали на време ќе може да се обезбедат доволно големи простории за гласање за да се запази растојанието од 2 метри и како ќе се заштитат гласачите и членовите на избирачките одбори од можна зараза.  Според претседателот на ДИК, процесот со гласањето на хронично болните и Ковид дијагностицираните ќе се пролонгира, а ниту за тоа се уште нема конкретен протокол. Посетата на пациентите со корона вирус ќе биде опасност за избирачкиот одбор, а гласачките ливчиња ќе завршат во истата кутија со останатите. Препораките се засноваат на дезинфицирање на хартиените коверти, што е речиси неизводливо.

Алфа испрати прашања до Владата и Комисијата за заразни болести кога ќе биде подготвен здравствениот протокол за претстојните избори и кога истиот ќе биде објавен и достапен за јавноста, за се уште не добивме одговор.

Најмалку 35 000 ангажирани лица од ДИК на 15 јули ќе треба да пречекаат над еден милион граѓани кои ќе им пристапат на гласачките места. Дали ќе носат скафандери и како ќе одржуваат дистанца не се знае. Целиот процес ќе се одвива во тешки и досега не искусени околности. Останува дилемата дали за 28 дена од сега може да се организираат сите овие работи да се заштити здравјето на граѓаните.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста