Наместо во државните институции, доктори од јавното здравство се тестираат приватно, ги исфрлал алгоритмот

Наместо во државните институции, доктори од јавното здравство се тестираат приватно. Таков бил и примерот со еден стоматолог, кој со симптоми на Ковид 19 во екот на велигденските празници не можел да најде термин во центрите за јавно здравје. За овој случај сведочат од Здружението на матични лекари. Велат алгоритмот за тестирање не е адекватен на моменталната состојба со болеста во земјава, пациентите не ги минуваат анкетните прашања, па матичните доктори морале да ги советуваат да се тестираат во приватна болница.

„На пример еве имав колега стоматолог кој што чувствуваше болки, а немаше термин. Па фатија празници. Кога е ваква вонредна ситуација, нема празници. Таквите институции треба да работат по 24/7. Мора да има термини, мора да се достапни, малку е несериозен таквиот начин, здравје после празниците“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишава од Здружението на матични лекари.

Лекарите се уште кубурат со заштитна опрема, а дел од она што досега го набавиле го платиле од свој џеб. Незаштитени и ранливи, тие се први на удар на корона вирусот.

„Многу е лицемерно сега да ни се делат очила, скафандери. Сега сме април, за ова се знаеше уште во февруари. Сето ова ги покажа сите слабости на државата, на кризните штабови, и треба малку посеризоно да се размислува и да бидат спремни“, додава таа.

Според последните бројки на ИЈЗ, во земјава позитивни на Ковид 19 се најмалку 210 здравствени работници што е 17 отсто од вкупниот број на заболени.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста