Наместо средување на хаосот во железницата, директорот се фали со двојазична локомотива
Двојазични возови со поларни температури. Додека патниците кои секојдневно се возат со македонските возови се мрзнат обидувајќи се да стигнат од една до друга дестинација, директорот на МЖ Транспорт се пофали – добил нови локомотиви, ем северни, ем двојазични.
„Нови локомотиви, со новото име на железницата и на два јазици“, се пофали на Фејсбук директорот на МЖ Транспорт, Орхан Муртезани.
За ова Алфа одговор побара во кабинетот на директорот. Прашавме дали е во ред да се прави помпа од двојазичните вагони, додека патниците се жалат за лошите услови во железничкиот сообраќај. Оттаму за сега одговор нема.
Извори за Алфа пак брифираат дека состојбите во железничкиот сообраќај се катастрофални. Велат возот кој за два часа стигнуваше од Скопје до Гевлегија сега патува речиси двојно подолго. Причина за тоа е што новите кинески возови кои беа донесени во времето на претходната влада, воопшто не се одржувале, па наместо со полна пареа, тие сега сообраќале со само еден мотор, велат вработени во компанијата кои не сакаат да говорат пред камера.
Патници кои секојдневно го користат железничкиот транспорт се жалат дека во вагоните студи како во фрижидер. Најтешко им е на работниците и студентите кои секојдневно брзаат да стигнат во главниот град. Велат наместо да се згреат во вагоните, тие едвај ги издржуваат минусните температури во раните утрински часови.
Извори во Железници велат дека на студот во возовите пред раководството се жалеле и машиновозачите и кондуктерите. Дел од нив дури одбивале и да работат, па надлежните смислиле алтернативен, но екстремно опасен метод за да ги загреат – плински боци. За ова преку социјалните мрежи реагираа и од Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО ДПМНЕ според кои инсталирањето на плински боци во локомотивите е темпирана бомба.
И додека власта ветуваше подобри услови во железничкиот сообраќај, оваа сезона се скратени повеќе редовни линии – возовите од Скопје кон Велес и Битола ќе сообраќаат со проретчен распоред.
Биљана Божиновска