Наместо пријателство Македонија добива уцени- дали „пријателот“ Борисов го наседна Заев да потпише капитулација?!

Јас сум многу среќен што ја имав честа заедно со премиерот Борисов, мојот пријател Бојко, да заедно во Рим, чествуваме Свети Кирил и Методиј, изјави Зоран Заев на 15 ноември 2018-та година.

Дали „пријателот“ Борисов го наседна Заев да потпише капитулација? Денешните условувања на секое историско поле, не се она кое премиерот го најавуваше кога се потпишуваше договорот за добрососедство со нашите источни соседи. Не беа ветувани уцени да се признае Гоце Делчев за Бугарин, не беше ветувано ни дека ќе се бара да прифатиме дека македонскиот јазик и нација не постоеле пред 1944 година. А најмалку беше ветувано дека кирилицата создадена од светите браќа Кирил и Методиј, Бугарите ќе си ја присвојат како своја бугарска.

Наместо ова што го гледаме сега, Заев најавуваше дека договорот за добрососедство ќе ги застапувал националните интереси на Македонија, токму она по што сега удира Бугарија, условувајќи го евроинтегративниот напредок на нашата држава.

-Договорот е основа за добрососедство и пријателство. Двете држави во иднина ќе работат поблиску за взаемен успех. Договорот е добар за националните интереси на Република Македонија. Од држава со проблеми стануваме држава што ги решава проблемите. Ја зајакнуваме нашата позиција во регионот и во меѓународните односи, изјави Заев на 17 јули 2018-та.

Бугарија која сака ја блокира Македонија на патот кон Европската унија, за премиерот беше држава која е голем пријател и голем наш голем помагач во евроинтегративниот процес.

-Бугарија е голем пријател на Република Северна Македонија и Бугарија може многу што да ни помогне во целиот овој процес, како ни помага во целиот овој процес. Бугарија беше прва што се бореше во Европската комисија за конечно после 15 години да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија покажува одредено пријателство, така што јас верувам дека и ние истото тоа го покажуваме кон Република Бугарија, изјави Заев на 22 јули 2019-та година.

Како дел од договорот за добрососедство беа најавувани и голем број капитални проекти, кои засега останаа само на ветување и ништо повеќе.

-Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија, изјави Заев на 15 ноември 2018-та година.

Околу најновите случувања во Бугарија, каде си ја присвоија кирилицата како бугарско писмо, став побаравме и од македонската страна во заедничката историска комисија, но од таму засега само молк.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста