Наместо превенција ќе гаснеме пожар – вакцините за сезонски грип уште ги нема

Сезонските настинки почнаа, ама вакцините против грипот се уште не стигнале во земјава. Граѓаните загрижени, прашуваат зошто во ек на пандемија, кога Македонија урива рекорди во Европа и по бројот на заразени и починати од корона вирусот, надлежните не смогнаа сили пред време да ја направат јавната набавка. Згора на тоа буни фактот што здравствените власти наголемо најавуваа оти веќе во Септември се очекува нов уште посилен бран на корона вирусот, па апелираа кај населението што помасовно да се имунизираат и заштитат од грипот, а вакцина се уште нема. Од Министерството за здравство се правдаат – вакцините биле нарачани согласно временската рамка на Комитетот за имунизација.

„Нарачавме 40.000 вакцини против сезонски грип, а граѓаните ќе може да се вакцинираат веќе од крајот на овој месец“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцината „Ваксигрип тетра“ е од француски производител. Наменета е пред се за лицата над 65 годишна возраст, хронично болните и бремените жени, здравствените работници и децата на возраст од 6 месеци до 5 години. За пациентите векцините ќе бидат достапни до крајот на месецов, а термините за имунизација ќе треба да закажат преку матичните доктори.

Годинава вакцинацијата ќе се врши на посебно одредени вакцинални пунктови, оти Центрите за јавно здравје каде претходно се вакцинираа граѓаните сега се преоптоварени со тестирање на Ковид позитивни пациенти.

Во меѓувреме, земјите од Европа веќе почнаа со вакцинирање против сезонски грип. Во Австрија на пример, сите вакцини биле искористени во текот на еден ден, па во земјата сега има зголемена побарувачка, но недостиг на вакцина.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста