Наместо онлајн испити, студентите сепак ќе полагаат со физичко присуство во амфитеатрите

Деканатот притиска, студентите негодуваат. Наместо онлајн испити, сепак ќе се полага со физичко присуство на студенти во амфитеатрите. Јунската испитна сесија почнува од утре. Се поголемиот број на заразени со Корона вирусот никако да ги пишмани професорите кои и натаму се решени дека ваквото полагање било најдобро.

И покрај што студентите бараат онлајн испити од деканатот велат дека ќе се полага со физичко присуство, со почитување на протоколите.

Членови на Студентското Собрание при економскиот факултет од Скопје се противат на физичкото присуство за време на полагањата. Велат дека иако во една просторија ќе полагаат од 20 до 30 души, сепак за време на сесијата по ходниците и пред факултетите ќе се создаде невидена гужва од студенти.

– Свесни сме сите дека полагањето на предметите и спроведувањето на сесијата со физичко присуство во овој момент речиси не е изводливо. Доколку сесијата мора да се спроведе во овие термини, апелираме до сите професори кои предвидоа полагањето на својот предмет да се спроведе со физичко присуство, истите да се спроведат по електронски пат, рече Петар Спасовски, член на Студентското Собрание.

Нашето секојдневие и животот се променија преку ноќ. Не може да има физичко присуство за време на полагањата, се пожалија студентите од економскиот факултет. Велат дека здравјето мора да биде на прво место.

– Сведоци сме на времиња во кои ситуацијата во нашата земја од ден на ден се влошува се повеќе, бројот на заразени од Корона вирусот на дневна основа е двоцифрен, развојот и проширувањето на вирусот не е во посакувана насока, вели за Алфа Ива Михајлова, студент на Економскиот факултет во Скопје.

Студентите коишто доаѓаат од други градови не би можеле да стигнат на испитниот термин, во ситуација во која имаме редуциран возен ред на ниво на цела држава, велат студентите.

Ситуацијата е алармантна и е излезена од контрола, здравјето на студентите, здравјето на професорите, асистентите, демонстраторите и сите вработени лица кои ќе бидат присутни на факултетот е најбитно, велат студентите.

Во меѓу време, доцнат студентските стипендии особено кога најмногу им требаат. Од Министерството за образование велат дека ќе бидат исплатени до крајот на месецов или почетокот на јули, на што реагираат студентите на неодговорност.

Од УКИМ остануваат на ставот дека ќе создале услови за полагањето да биде веродостојно и да се минимизира можноста за мамење на испитите.

Во протоколот меѓу другото се наведува дека на факултетите ќе се спроведуваат испитите со маски и ракавици и на растојание од 2 метра. Во предавалните и амфитеатрите каде што ќе се спроведуваат испитите мора да бидат обележани местата каде ќе биде дозволено седење.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста