Наместо кампања Филипче најавува рестрикции

Македонија без официјална вакцинална кампања иницирана од Владата и Министерството за здравство. Последната која излезе деновиве, а во која познати спортисти, уметници, доктори, свештеници, но и евроамбасадорот Дејвид Гир, преку лични примери ги истакнуваат придобивките на вакцинацијата против Ковид 19, е иницирана од ЕУ, а поддржана од Стопанската комора. Првата видео кампања со повик за вакцинација, во која учествуваа повеќе еминентни доктори од јавното здравство беше пуштена во април, но беше изработена од Уницеф.

За разлика од Македонија, регионот на различни начини ги мотивира граѓаните да се заштитат од Ковид 19. Така хрватскиот завод за јавно здравје, во соработка со ресорното Министерство за здравство, емитува куси видеа од ВИП лица во земјата кои ги повикуваат тамошните граѓани да се имунизираат против корона вирусот. Србија со месеци наназад ги наградува вакцинираните граѓани со по 20 евра, а Црна Гора за да го мотивира населението, на сите вакцинирани им дава ваучери за туризам во вредност од 50 евра. Кај нас вакви мерки нема, а министетрот за здравство Филипче, вели оти опфатот на вакцинацијата во регионот не се разликувал многу од оној во земјава.

„Ги следиме трендовите насекаде во регионот и некоја голема разлика во опфатот со вакцинација нема. И тука се сите земји. Кај нас близу 450.000 граѓани се веќе вакцинирани, од нив 270.000 се ревакцинирани. Ќе продолжиме да го одржуваме системот со вакцинација вака активен како што е сега, сите пунктови за вакцинација да се отворени, граѓаните се пријавуваат без термин, никој да не се врати. Вакцини има сосема доволно“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

И наместо награди за вакцинираните или гласна кампања за подигнување на свесноста, Филипче најавува можни ограничувања за граѓаните кои не ја примиле анти ковид вакцината.

„Размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала“, рече министерот Филипче.

Во меѓувреме, Комитетот за имунизација при МЗ, како тело чија основна задача е јавно да ги промовира придобиките на вакцината и да се бори против теориите на заговор и антивакциналните кампањи кои се шират на социјалните мрежи, со месеци се нема појавено во јавноста. Министерот Филипче ги правда, вели Комитетот е активен секој ден, а одлуките што заеднички ги носеле со новинарите ги споделувало ресорното министерство. За антивакциналните кампањи, Филипче вели тие биле очекувани, но не кажа конкретно како ќе се борат за да ги сузбијат.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста