Наместо извинување, балетанот Бобан Ковачевски ќе ги тужи родителите и покрај што им го истепал детето на претстава

Балетанот Бобан Ковачевски дефинитивно го удрил малолетниот ученик. Ова за Алфа го потврди директорот на МОБ, Васо Ристов. Тој во телефонски разговор за Алфа вели дека Ковачевски е вработен во институцијата. Директорот, вели, сега бил на службено патување и бил запознаен со целиот случај. Не сакаше да го емитуваме телефонскиот разговор, но ни кажа дека Ковачевски дури бил и подготвен јавно да се извини и на родителите и на ученикот.

Претставата „Клеопатра“ е од јавен карактер, вели Ристов, а тепањето било разговарано меѓу колегите.

Но, сепак, Бобан Ковачевски не мисли така. Алфа успеа да стапи во контакт со него. Тој се изјасни спротивно од директорот. Ни кажа дека нема намера да се извинува туку напротив, ќе ги тужел и родителите и малолетниот ученик, зашто случајот го изнеле на виделина.

Во телефонски разговор ни вели дека дури веќе имал адвокат кој ќе му ја терал работата преку суд, за дополнително да се докажело кој бил во право, а кој не.

– Јавно не сакам да се експонирам, ниту пак да давам било какви изјави. Имам адвокат и тој ќе ја тера работата по судски пат, рече Ковачевски за Алфа.

Бобан, изјава во камера и јавно експонирање не сакаше да даде.

Во меѓувреме родителите на малолетниот ученик прашуваат зошто до сега се молчеше, кога тие го пријавиле случајот до директорот на училиштето „Илија Николовски Луј“.

Претставата „Клеопатра“ се одржала овде во МОБ пред две недели, кога се случил и инциденот зад сцената. Но сега останува отворено прашањето и зошто вработените, па и балетанот, наместо извинување, сакале случајот да го стават под тепих.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста