НАМЕСТО ДОНАЦИЈА ЗА БОЛНО ДЕТЕ, ИЗМАМНИЦИ УКРАЛЕ ПОДАТОЦИ И ВО ИМЕ НА РОДИТЕЛИТЕ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА БРЗ КРЕДИТ
Сакам да донирам за вашиот син. Вака профилот потпишан како Петровска Анета, го започнал разговорот со родителите на малиот Тео кој болеува од церебрална парализа и епилепсија. Со профилна фотографија на насмеана мајка која држи бебе во раце, овој профил кој тврди дека живее во Канада успеал да ги добие нивните лични податоци, објаснувајќи дека за да донира, потребни биле низа процедури. Само неколку часа подоцна, мајката добива повик во кој и’ се соопштува дека е поднесено барање за брз кредит со нејзини податоци, за купување на бела техника.
-Испратени се личната карта, матичниот број и трансакциска сметка како и здравствениот број. Никој не веруваше дека ќе паднат на толку ниско ниво за да злоупотребуваат некои работи за деца кои се болни. На телефонот на сопругата стигна информација дека е одобрен во висина од 72 000 денари за некој клима уред. Од полиција ни кажаа дека ќе се покрене постапка. А колку ќе трае и како ќе биде не можам да ви кажам, вели таткото Љупчо Максимовски.
Десетици граѓани се измамени на сличен начин. Нашите извори велат дека дел од нив се измамени од истиот профил. Измамниците успеваат од нив да ги добијат матичниот и здравствениот број. Во некои случаи се монтира нивниот лик со лична карта во рака, а во друг случај измамените сами се фотографираат така. Ова е се што им е потребно за подигнување на брз кредит со туѓи податоци.
-Мора Владата да размисли и за оние кредити што се даваат, како финансиски друштва , брзи кредити, кеш кредити. Тоа е еден тотален грабеж. Власта и сите претаерници мораат да стават крај. Бидејќи од таа страна сега се јавуваат голем број на граѓани, има категории кои што се социјално загрозени , кои што можеби се на мака , не знам што ги натерало да земат такви кредити. Значи таму се даваат кредити без никаква проверка.Без никаква контрола.И ова лудило мора да застане. Мене не ми е јасно како тие луѓе немаат ни срам, ни страв, ни грев, вели Марјан Ристески претседател на КСОМ.
Во меѓувреме, сите вистинкси хумани граѓани кои сакаат да донираат за Тео Максимов кој боледува од Церебрална парализа и епилепсија и на кого му е потребно лекување во Србија , тоа можат да го направат на бројот на T мобајл на 143 112. Или со донација на ж-сметка 210700000677584 на НЛБ Банка со дознака за Тео Максимов.
Анастасија Илиевска