Намален бројот на вработени во текстилниот сектор поради кризата во Германија, спасот се гледа во унгарскиот кредит

Намален бројот на вработени во текстилниот сектор поради кризата во Германија, спасот се гледа во унгарскиот кредит

Со намален обем на работа и во најава затварање на погони, вака  кризата во Германија, се рефлектира на македонскиот текстил. Преполовениот број на налози од германскиот партнер, за 14% го намали и бројот на работници во оваа гранка, што е и најголем пад во изминатите 15години, алармираат од Организацијата на работодавачи. Нивните предвидувања и за наредната година  не се оптимистички доколку состојбата во Германија, не се стабилизира.

Вкупниот број на работници го достигна минимумот за последните петнаесет години, значи помалку од 30.000работници. И мислам дека додека состојбата во Германија не се поправи, додека оптимизмот кај тие граѓани не се поправи, да не мислат на скривници, на заштита од нуклеарен напад, мислам дека состојбата наредната година би се влошила уште повеќе„ изјави Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи.

Позитивен сигнал за македонското домашно производство се парите од унгарскиот заем кои ќе бидат стимул за понатамошни инвестиции и развој. Сепак според Димитров, ваквите кредити ќе бидат во корист само на оние конфекции кои произведуват работна, но не и модна облека, бидејќи нивниот пласман е многу мал, а драстично е опаднат и обемот на работа. .  

„Ако се земе во предвид каматната стапка тоа се поволни кредити.  Дел од текстилната индустрија која произведува репро матрејали или работна облека, ќе искористи дел од тие кредити. Се разбира имаме гранки кои се во подобра состојба и се надевам дека ќе ги искористат овие можности. Сакам да кажам дека како идеја е одлична„ изјави Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи.

Според најавите фирмите, ќе добиваат кредити од унгарскиот заем со камата од 1,95%. Ќе имаат до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на самите компании.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста