Најмалку 64 загинати во Јапонија, потрагата по преживеани продолжува
Бројот на загинати во разорниот земјотрес што ја погоди Јапонија на 1 јануари се искачи на 64 лица. Урнатините и оштетените патишта се уште ги спречуваат спасувачките служби во нивната потрага по преживеани.
Поминаа два дена откако земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала предизвика огромна штета на инфраструктурата и големи пожари во градот Ваџима во префектурата Ишикава, на брегот на Јапонското Море, а целосниот размер на оваа катастрофа е се уште непознат.
Поради дождот кој, како што е најавено во подрачјата погодени од земјотресот, ќе врне до четврток, јапонската метеоролошка агенција предупреди на потенцијални одрони.
Јапонската војска (СДФ) користеше хеликоптери за доставување на основните материјали до отсечените области, а локалните власти побараа од централната влада да испрати дополнителен воен персонал за да помогне во спасувачките напори.
Надлежните служби потсетуваат дека ваков силен земјотрес бил последно снимен во 2018 година на Хокаидо.