Најголемиот дел од скопјани сметаат дека не треба пак да не затворат во полициски час

Ова е хаос, ова е лудница нема координација во државниот врв, ниту во институциите.., ова се дел од реакциите на граѓаните, откако министерот Филипче рече дека не ја исклучува можноста за повторно воведување на полициски час и рестриктивни мерки на есен доколку се случи нов бран на Корона вирусот.

Скопјани пред камерите на Алфа велат доколку повторно се воведе ограничено движење на луѓе, се затворат трговските центри, угостителските објекти дополнително ќе ослабне македонската економија која според нив и онака е пред колапс.

Но има и граѓани кои велат дека полицискиот час е добар чекор, во недостиг на дисциплина на луѓето, но и во недостиг на предвремени мерки кои би го спречиле воведувањето на истиот.

Бројките на заболени и починати секојдневно растат, министерот за здравство вели се разгледуваат можностите за враќање на рестрикциите.

„Имаме план за дополнителни ограничувања согласно некои мерки, ќе ги промовираме наскоро. Ова значи дополнителни ограничувања во региони каде има зголемување на бројот на пациенти или постои потенцијален ризик. Никој не може да даде сигурно предвидување затоа што ниту една од земјите во регионот и во Европа немале пандемија на есен“, истакна Венко Филипче, Министер за здравство.

И од комисијата за заразни болести за Алфа велат дека во наредниот период се е во игра дури и враќање на голем број на рестиркции.

Претходно во Македонија имаше полициски час 65 дена, каде во вечерните часови беше забрането движењето, но долг период беа затворени и кафетериите и кафеани, продавниците, што остави белег на економијата.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста