Најголемата плата 225 илјади евра месечно, најстариот милионер има 98, а најмладиот 15 години

Додека најголем дел од вработените никако не можат да ја достигнат просечната плата, во 2017-та најголеми приходи од 3 и пол милиони евра остварил скопјанец – објави Управата за јавни приходи. Меѓу оние со најголеми приходи има и граѓани од Струга и од Битола. Највисоката годишна плата во 2017 изнесувала 2,7 милиони евра и е исплатена во здравствениот сектор. Тоа значи дека ова лице добивало плата од 225 илјади евра секој месец.

Најмладиот милионер, пак, во земјава има само 15 години. Парите ги заработил од интернет услуги. Најстариот човек што остварил доход над еден милион денари е пензионер на 98 години, кој добива пензија од странство. Највисоките дополнителни примања и надоместоци од работен однос кои ги добило само едно лице изнесувале 747 илјади евра на годишно ниво. Најголемата капитална добивка била исплатена во Прилеп, најмногу од дивиденди заработил скопјанец, а од игри на среќа тетовец.

Ова е прва година од која УЈП ќе почне да доставува претпополнети даночни пријави. Од април УЈП ќе почне со оваа обврска. Граѓаните на е-маил ќе добиваат нотификација дека е испратена пријавата, која ќе треба да ја потврдат или корегираат.

Тања Попова