Најавата за смена на обвинителскиот врв за експертите е недозволена желботека

Љубомир Јовески има желба да биде уставен судија, шефицата на обвинителството, Вилма Рускоска не се откажува да го замени. Добрила Кацарска е во кусок од четворица судии , па Јовески, ако ја добие довербата од народните избраници, нема да одбие да пополни една столица во Уставниот суд. Шефицата за гонење организиран криминал и корупција, Рускоска ќе размисли да замине на позицијата нов државен обвинител. Познавачите оваа размена на функции помеѓу Јовески и Рускоска ја оценуваат како желботека, во една ситуација каде правосудството трпи секојдневни критики и состојбата не се подобрува, а од друга страна не се спроведува никаква ревизија и чешлање на секторот.

По самото тоа што некој изразува желби, а Советот на обвинители, слично на Судскиот совет, само ги аминува желбите, по некоја политика препорака, бидејчи политиката е длабока навлезена во правосудството ќе имаме такви резултати какви што имаме досега. Дури имаме и јавно признание дека со години не се вршело оценување на обвинителската работа а имаме напредувања по желба, по роднинство, по непотизам, а кога ќе се случи тој непотизам никој не одговара. Имаме и уште еден многу опасен сегмент , каде документи, записници, посебни  истражни мерки кои се строго доверливи излегуваат во јавност – вели Давидовиќ.

Од тука, смета Давидовиќ, секојдневните случувања во спрега суд-  обвинителството личат на театар, го подриваат државниот систем, а истовремено се губи довербата од граѓаните и се спречува било каков напредок на Македонија.

Ако вие имате ситуација, кога еден обвинител, јавно им се заканува на судии на Апелациониот суд, па јавниот обвинител на Р.М. не преземе ништо, тогаш имате голем проблем во самиот систем и начинот на постапување, однесување и поставеноста на органите и институциите во рамнките на правосудството. Ако член на советот на Советот на обвинители гласа и не ја избира обвинителката која води постапка против нејзиниот сопруг и не бара изземање, туку гласа активно, имате голем проблем и во менталниот склоп на она што значи обвинителска фукнција – вели за Алфа, Зонко Давидовиќ.

Инаку, државниот обвинител 68-годишниот Јовески застана на функцијата крајот на 2017 година, иако ги исполнува условите за старосна пензија,  неговиот мандат завршува крајот на идната година. Државниот јавен обвинител, го избира Собранието со апсолутно мнозинство, на предлог на Владата.

Во Уставниот суд пак, фотелјите ги пополнуваат истакнати правници, меѓутоа функцијата е неспојлива со вршењето на друга јавна функција или членување во партија. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста