Нафтата на 18-годишен минимум, Македонците чекаат поевтинување на горивата

Граѓаните се израдуваа дека ќе возат поевтино, откако вчера нафтата на светските берзи падна на 18-годишен минимум. Нафтата која се вади од западно тексашкиот басен во САД за првпат во историјата отиде во минус, односно во еден период од тргувањето падна на минус 38 долари за барел. Американскиот „Волстрит џурнал“ дури пишува дека во моментов е поевтино да се наполни кадата со нафта, наместо со вода.

Огромниот пад во цената е предизвикан не само поради намалувањето на светското производство за 10%, туку од многу поголемото намалување на побарувачката. Тоа придонесе компаниите да складираат огромни количини нафта, а новите да немаат каде да ги чуваат. Магацините се преполни, танкерите стојат на пристаништата, а купувачи нема. Истовремено трошоците за складиштење и лежарина растат. Во ваква ситуација, компаниите беа принудени драстично да ја намалат цената, а некои дури и да им плаќаат на купувачите, само за да се ослободат од натрупаните залихи, бидејќи имаат трошоци, но никаква надеж дека во скоро време ќе ја продадат нафтата.

Претседателот на САД Доналд Трамп вчера беше критикуван од експертската јавност, по неговата изјава дека се работи за краткотраен проблем.

„Тоа е краткоророчно. Повеќе има врска со брзите продажби. Ако погледнете еден месец во иднина, мислам дека ќе биде 25 или 28 долари за барел. Многу луѓе останаа затекнати, кои не се среќни. Ако погледнете, ќе видите дека се работи повеќе за финансиска работа отколку за ситуација поврзана со нафтата. Верувам дека за месец или два, ќе биде 25 или 28 долари за барел, па мислам дека се работи за финансиско цедење„ – рече претседателот на САД, Доналд Трамп.

Сепак, оние што се израдуваа дека ќе возат со поевтини горива во Македонија, најверојатно ќе почекаат малку. Регулаторната комисија за енергетика ја формира цената според цените на нафтата од типот брент која се продава во Европа, а не западнотексашката нафта чија цена отиде во минус. И овој вид на нафта поевтини, но не премногу. До вчера чинеше 27 долари за барел, а денеска падна на 20,17 долари за барел.

На домашниот пазар побарувачката на нафта е намалена за 30 до 40 проценти.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста