Надлежните прават напори за да се намали аерозагадувањето во Скопје, ќе има ли резултат?!

Исти проблеми, стари маки. Во пресрет на грејната сезона, скопјани повторно на голема врата ја ставија на маса болната тема за аерозагадувањето. Преку социјалните мрежи се пожалија дека и за време на летниот период чувствувале мирис на чад во воздухот, особено во ноќните часови. Жителите на неколку скопски општини алармираа дека периодов дишеле тешко.

Податоците од мерните станици во неколку населби, покажаа високо загадување со ПМ честички неколку пати над дозволеното. Надлежните рекоа дека прават се за овој проблем да биде надминат. Алфа го праша Јани Макрадули од животна средина што конкретно ќе преземат, а тој рече дека е оптимист, зашто дел од дадените мерки ќе дале ефект.

– Ќе има казнени мерки и контроли. За тоа општините ќе бидат носители на мониторингот. Граѓанинот ќе склучи договор со кој се обврзува дека нема да ја користи печката за огрвено дрво. Доколку се установи дека користи огревно дрво, ќе следат санкции. Се разбира, најзаинтересирани ќе се граѓаните да ја извршат замената бидејќи ќе им е поевтино и нема да ги загадуваат нивните блиски во семејството, истакна Jани Макрадули.

Причината за висока загаденост во овој период од граѓанските здруженија ја гледаат во неажурноста на институциите во справувањето со проблемот на недозволени палења на стрништата на нивите, но и на многу локации во градот.

И додека жителите на скопските општини се жалат дека и летово воздухот бил тежок за дишење, градоначалникот на Скопје рече дека аерозагадувањето не се решавало преку ноќ.

Едно од најеколошките, но и најекономичен начини за затоплување на домот е греењето со инвертор клими. Државата периодов ќе ги помогне граѓаните со доделување на средства за замена на печките на дрва инвертор клими.

Борис Грујоски