Надлежните морале да реагираат навремено – психолошка анализа по нападот на наставник врз ученик

Со ништо не може да се оправда однесувањето на професорот кој пред 3 дена со метален предмет физички нападна ученик од втора година во струшката гимназија “Ибрахим Темо“. Едноставно недозволиво е возрасен човек на свои 57 години кој наместо да биде педагог, прибегнува кон такви методи и со толку големо насилство. Надлежните требало веднаш да реагираат бидејќи ова не е негов прв инцидент, реагираат психолозите.

„Требало да реагираат и тие органи и тела во самото училиште преку педагошко- психолошката служба, соработка со родителите од тоа дете, со директорот. Имаме и просветна инспекција по општините, така да сигурно дека требале да реагираат порано, дали реагирале и колку, не знам, но очигледно нешто не превзеле посериозно штом ова продолжило“, вели Милован Србиноски-психолог.

Србиноски кој 37 години работел како психолог во училиште, вели дека агресијата е се’ позачестена и кај просветните работници, но и кај учениците,бидејќи насилството,раѓа насилство. Немањето сочувство или емпатија е прв знак кој што покажува дека едно општество води кон дивјаштво, односно промитивизам.

„Треба да се има социјална интелегенција, емоционална интелегенција, малку емпатија да има,да не се решава се’ со конфронтирање, со спротивставување, туку со малку толеранција, со почитување. Значи ако немаме емпатија за другиот, тоа е знак дека ние одиме и тонеме кон варварство не кон цивилизиран однос помеѓу себе“, додава тој.

“Професорот повеќе од една деценија имал проблеми во комуникацијата и со учениците и со колегите. За проблемот се разговарало на колегиуми и училишни совети, се барало општината да изнајде решение за негов поинаков ангажман надвор од образовниот процес, ама нештата се туркале под тепих. Вакви потенцијални инциденти клечат и ги чекаат своите пет минути во многу училишта. Одговорност за овој настан мора да има, ама не само за професорот, туку и за сите оние кои молкум овозможија ова да се случи! Толку стручни институции, инспектори,кадровски служби не успеале да превенираат, што на крај упатува на прашањето: Што работат тие луѓе и која е нивната цел?” – Ова се само дел од реакциите на просветните работници кои не стивнуваат, а својот револт го искажуваат на социјалните мрежи.

За инцидентот кој ја вознемири јавноста и откако учениците излегоа на протест пред судот, професорот кој првично беше приведен па пуштен на слобода, вчера доби 8 дневен притвор, а ОЈО го товари за сторено кривично дело насилство.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста