Над 30 илјади граѓани ги нема на списокот за платежни картички

Над 30 илјади приговори доставиле незадоволните граѓани кои ги нема на листата на добитници на платежни картички од 3 и 9 илјади денари. Рокот за поднесување приговор до Генералниот секретаријат на Владата истекува утре напладне. Во моментов во државните институции е хаос. За само неколку дена треба да ги поправат направените грешки, новите податоци да се достават до банките кои пак ќе треба да ги направат картичките. Неофицијално, најмногу погрешни податоци дало Министерството за образование. Многу поплаки има од студентите, а особено од средношколците кои ги нема на листата. Од министерството за финансии велат дека во текот на викендот им било одговорено на 1.000 лица. Сепак, признаваат дека процесот ќе потрае поради големиот број на грешки.

„Се работи за дистрибуирани мејлови до соодветните институции, дали е тоа Министерство за образование, дали е тоа Министерство за труд и социјална политика…со цел да ги проверат по матичен број, со цел да се увиди дали се работи за техничка грешка и испуштање или се работи за поднесен приговор, а лицето можеби не ги исполнува условите согласно уредбата. Сите кои треба да добијат и поднеле приговор, ќе добијат платежна картичка“
10 илјади граѓани веќе ги имаат добиено картичките, а до крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат уште 100 илјади. Аналитичарите изминатиот период постојано алармираа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Токму поради ваквите сомнежи, Антикорупциската комисија отвори предмет по кои критериуми се доделувала помошта за исплата на 14.500 денари по работник. Комисијата се сомнева дека државна поддршка добиле и финансиски стабилни фирми. Под лупа на Антикорупциска повторно ќе се најде и екс Вицепремиерот Кочо Анѓушев. Дискутабилно е како негови фирми добиле помош, а истовремено тој е член на Советот кој дискутира за владините мерки.

Тања Попова

Поврзани вести