Над 200 затвореници штрајкуваат со глад во „Идризово“

Над 200 затвореници штрајкуваат со глад во „Идризово“

Сите затвореници од полуотвореното одделение во Идризово, вкупно 213 на број, започнаа со штрајк со глад.

Заменик – директорот на затворот, Феми Јонузи, за Алфа потврди дека сите денеска одбиваат храна.
Затворениците го најавија штрајкот вчера поради, како што кажаа во отвореното писмо, тешко повредени осуденици на кои наводно не им се укажува лекарска заштита иако имале тешки телесни повреди како последица од полициската акција.

Сепак, извори на Алфа од Идризово откриваат дека нема сериозно повредени затвореници. Од 38 прегледани, 12 биле веднаш префрлени на клиника каде им се направени снимки и бидејќи здравствената состојба им била стабилна, биле вратени назад во затворот.

Од друга стреана според народниот бранител, лекарската помош доцнела, не биле испратени сите затвореници на лекување во соодветните болници, додека здравствената служба во затворот не функционирала.

  • „Критичната ноќ имало лице кое се занимавало со одржување на системот на камери. Тоа не наведува да се посомневаме дека снимките на камерите, за кои се очекува да бидат функционални, се ставени вон функција. Не сакам да ја прејудицирам ситуацијата. Ќе се спроведе нашата контрола и надзор и ќе имаме конкретни резултати“ изјави Насер Зибери, народен правобранител.

Заменик – директорот на Идризово, пак, за Алфа вели дека претставници од канцеларијата на Народниот правобраниетл се во Идризово веќе три дена и дека ги зеле снимките од безбедносните камери откако вчера беа спречени од група затвореници.

Викендов со судска наредба полицајци влегоа во Идризово за да извршат претрес во ќелии на одредени осуденици. Група од шеесетина затвореници се спротивставиле при што настанала тепачка и летале клоци и тупаници. МВР соопшти дека при претресот пронашле 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога. МВР не открива каква дрога и која количина се наоѓала во ќелиите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста