Над 200 села во Макеоднија без жители- Најкритично во мариовскиот крај

„Македонските села со години се на удар на „белата чума“. Младите, во потрага по подобар живот бегаат во градовите, а се’ почесто и во странство, без намера некогаш да се вратат во родниот крај. Друг проблем е и тоа што оние што сепак остануваат, тешко склучуваат бракови, а уште помалку раѓаат деца. Затоа селата се пустат“, – вели Драге Ризоски, кој свој наследен имот уште од прадедовците има во с. Штавица.
„Има уште 30 жители што живеат тука. Другите идат-одат на сабајле, па навечер си одат Прилеп, кој расад, кој она, садат тутун овде, некои се повратија со тутунот. Има четири фамилии што живеат овде, си држат некои говеда, некои овци, уште четири фамилии се што живеат овде. Деца има, во Старо Лагово одат три, во Прилеп одат две во Средно и тие се дечиња. Млади нема, уште две деца има за женење, тие се по 20 години и други деца нема“, – раскажува Драге Ризоски.
А некогаш во ова село, кое е на самиот влез во прилепскиот дел на Мариово, пулсирал животот со полна пареа, а додека селското училиште, кое сега е руина, вриело од детски џагор.
„Порано, во моето време, училиштето кога работеше, 80 деца бевме, и од сабајле, и после ручек. Децата настава одржуваа, имаше двајца професори тогаш, а и тука седеа. Не си одеа, немаше пат…имаше многу тогаш, сега….Мариово не можеш млад човек да најдеш, тешко. Сето се иселени. Во Витолиште некој ако се вртка нешто со стока ако држи, инаку овде другите села: Кален, Дуње..Крушевица има малце нешто, Чаниште има три – четири куќи и толку…Бешиште, Полчиште, Манастир ништо нема, начисто. Очистени се, над 200 куќи беа тие села, сега нема ништо“, – објаснува нашиот соговорник.
Инаку, Пелагонскиот регион, заедно со Источниот, во однос на другите региони во земјава, според податоците од ДЗС, спаѓа во најзагрозените региони, кои во последниве неколку години се опфатени од „белата чума“. Во пелагониско, во 2020 година природниот прираст бил во негатива од – 8,7, во Источниот регион пак, бил – 7,1, наспроти Полошкиот каде индексот на природен прираст бил -1,7. Единствено, позитивен тренд на природен прираст од 0,1 во 2020 година имало во Скопскиот регион, а на ниво на Македонија тој изнесувал – 3,2 индексни поени.
Каролина Дурло