Над 200 лица кои биле во контакт со директорката на клиниката за кожни болести во домашен карантин

Директорката на клиниката за кожни болести четврта заболена во Македонија од корона вирусот. Над 200 лица кои биле во контакт со неа и со медицинските лица кои соработувале со директорката веќе се во домашна изолација.

После сместувањето на пациентката докторка на Клиниката за инфективни болести уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна  изолација. Интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение на Државниот санитарен здравствен инспекторат сите ќе одат во 14 дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени. Во домашна изолација се и 11 пациенти кои биле хоспитализирани на Клиниката и кај коишто лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти коишто се лекувале во изминатава недела во дневната болница, што значи доаѓале само да примат терапија“, рече Филипче.

Клиниката сега е затворена, 14 дена таа нема да има ниту доктори, а ниту ќе прима пациенти.  Алфа денеска во претпладневните часови беше во обиколка на клиниката, во амбулантата немаше речиси никој, беа останати само две медицински сестри кои ги спремаа отпусните листи за пациентите, додека пак во стационарот имаше доктори кои не сакаа да зборуваат пред камерите, иако носеа маски и мантили сепак можеше да се забележи блага паника кај нив.

Од министерството велат клиниката е денеска е дезинфицирана, а истото повторно ќе го сторат и во утрешниот ден. Директорката која била на скијање во Италија, викендов одржала и предавање на кое биле присутни над 100 доктори во скопски ресторан. Учесниците на предавањето се меѓу оние 200 лица кои се во домашна изолација, а од ресторанот истакнаа дека телефонски разговарале со вработените во локалот, засега немале симптоми, но сепак фирмата одлучила  да не доаѓаат на работа и да направат тест за вирусот.

Откако социјалните мрежи буквално зовреа, оти директорката одела на работа откако се вратила од Италија, Филипче истакна дека директорката ќе биде разрешена, но откако ќе заврши изборниот период.

На новинарско прашање дали има елементи за кривична одговорност, тој истакна дека она што тие можат да го направат е во прва прилика да ја разрешат, а оти другите институции треба да преземат тоа што треба да преземат. Инаку според  Кривичниот законик, во делот кривични дела против здравјето на луѓето, во член 205 кој се однесува на пренесување заразна болест пишува:

Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година.

Од министерстовто повторно апелираа да се почитуваат препораките од Владата за заштита од корона вирусот.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста