Нацрт преговарачката рамка објавена – ќе влезат ли барањата на Бугарија во финалната верзија?

Европската комисија ја усвои нацрт преговарачката рамка за Македонија со која се поставуваат начелата за преговорите. Но, финалниот збор сепак ќе го имаат сите земји членки на Унијата. Власта, пак побрза да се пофали оти работата за старт на преговорите веќе била завршена, а дел од провладините медиуми дури отидоа и дотаму дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската Унија.
Но, реалноста стигна од шефот делегацијата на ЕУ. Жбогар вели оти во однос на јазикот се работи за стандардна процедура, која предвидува сите документи на Унијата да се преведат на официјалниот јазик на државата.

„Европската комисија очекува, како што патем беше и со другите земји порано, очекува вашата земја да го усвои законодавството на ЕУ и тоа законодавство соодветно да биде преведено на македонски јазик.Се уште не можам да кажам се додека не се продискутира од страна на земјите чкенки, тие ќе треба да одлучат за финалната верзија на документот“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Вицепремиерот Бујар Османи пак вели оти станувало збора на нацрт документ, а конечниот процес на усогласување кај земјите членки очекувал да заврши дури наесен.

„И секоја земја членка ќе нападне некоја реченица, став, параграф и ќе се обиде да си ги додаде своите национални позиции за на крај со консензус евентуално да се прифатат сите тие вметнувања и обиди за вметнувања на земјите членки“, вели Османи.

Првиот дипломат Димитров, вели оти секоја држава во демократска Европа имала право на самоопределување и дека очекувал Бугарија да го почитува потпишаниот договор со Македонија.

„Се дедека се држиме до одредните на Договорот и ги имплементираме заложбите и правните обврски од тој договор, двете страни, нема начин како, тоа што ни е нам суштиснко идентитетските прашања, македонскиот идентитет на било каков начин да биде во судир со европските вредности и европската кауза“, вели МНР, Димитров

За познавачите, брзањето на Владата да се пофали со наводно отпочнување на преговорите со Унијата е предизборен спин. Поранешниот вицепремиер за ЕУ, Васко Наумовски вели оти не треба да се претерува со оптимизам, особено поради фактот што самиот филтер на документот кај земјите членки на Унијата може да трае со месеци.

„Некои од државите членки и од нашето соседство вече имаат одредени забелешки на самиот документ, кои што претходно неформално ги истакнаа, и би требало да бидеме свесни дека ниту една земја членка на ЕУ нема да се оркаже од правото да ги заштити своите интереси во овој процес. Македонија треба да биде повоздржана во поглед на оптимизмот имајќи предвид дека во минатото кога имавме ситуации кога надежите лажно се креваа на крајот доживувавме разочарување“, вели Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за ЕУ.

Од друга страна, во изјавата на официјална Софија во однос на заклучоците на Советот нас ЕУ за проширувањето, се вели оти доколку сака да ги продолжи преговорите за интеграција, Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, а ќе мора и брзо да ја заврши работата со експертската комисија околу отворените историски прашања.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста