Набавката на вакцините против корона за Македонија ја мина секоја граница на издржливост

„Авансот од Кина го повлековме, ама вакцините набрзо ќе стигнат“ – последното оправдување на министерот Филипче ја разгневи македонската јавноста. Граѓаните се револтирани од како што велат неспособноста на владата и бараат одговорност. Експертите предупрадуваат дека поради доцнењето на вакцините Македонија нема да може да се спаси од најавениот трет бран на Ковид 19. Премиерот Заев и денеска не можеше да одговори што се случува со вакцините, само рече дека не сакал да лицитира со датуми.

„Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапката. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка. Никој не може да каже точен датум, како ги добиваме информациите така ги споделуваме“, рече Заев.

Доктор Никола Пановски, во интервју за Скопско ехо вели дури и вакцинацијата да почне во март, нејзините првични ефекти би се виделе дури во јуни.

„Место да си купевме вакцини во декември, како Србите и Израелците, ние ќе си истераме уште еден бран, уште некоја илјада умрени, илјадници болни со последици на прележаната болест, уште илјадници без работа и леб“, вели доктор Пановски.

На социјалните мрежи врие. Граѓаните бараат оставки.

„Да не му падна жал на Вучиќ и да не ви дадеше неколку вакцини уште немаше да почне вакцинација во Македонија, не дека е сега почната ама колку да се рече“.

„По неспособно Министерство за здравство не сме имале. 20 дена трубите дека до крај на фебруари ќе добиеме кинески вакцини, а почеток на март од Ковакс системот и сега испаѓа дека вие за кинеските уште договор немате, а за Ковакс може и во април ќе испратат. Неспособност до бескрај“.

„Последни во имунизација од регионот! Африканските држави ќе спроведат масовна имунизација а ние уште ќе се лажеме дека вакцините само што не пристигнале“.

„Денес, утре, денес, утре…. Прво мислев дека лажете, сега се гледа дека уствари сте неспособни. Ако не можете да се снајдете дајте си оставка, може некој друг ќе може“.

„Секој ден ја гледаме бројката на починати, а вие што правите? Едно големо НИШТО. Срамота, не споменувајте повеќе за вакцини, не го лажете народот“, коментираат граѓаните на Фејсбук.

Секојдневните изговори на Власта го поттикнаа и сарказмот кај граѓаните, па има и такви што коментираат дека „вакцините преку Али експрес, побрзо ќе стигнеле“.

„И на мене од Али експрес ми имаат вратено пари“.

„Мене баш во петокот ми стигна картонче од Пошта да си подигнам пратка од Али Експрес. Се мислам вакцина да не ми стигнала“.

„Сакав да купам стан, дадов аванс, ама за моја сигурност го повлеков авансот, но тоа не значи дека станот нема да го купам!“, стои во ироничните коментари.

Во Македонија за сега се имунизираат само здраваствените работници од Ковид центрите и тоа благодарение на 8100 дози од вакцините на „Фајзер“ кои ги добивме како донација од Србија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста