На Заев му станаа интересни прашањата зошто Македонија нема датум за старт на преговори со ЕУ- премиерот вели сме имале датум?!

На премиерот Зоран Заев му станаа интересни новинарските прашања- зошто Македонија се уште го нема датумот за старт на преговори со Европската унија, кој повеќе пати беше ветен токму од него. Порачува дека Македонија го добила датумот, направила се и била наградена од Европската унија. Сепак фактичката состојба е друга. Македонија доби студен европски туш во Словенија. А тој туш се нови барања од Бугарија и нови услови од Франција, кои уште повеќе не оддалечуваат од процесот на евроинтеграции. Сепак Заев порачува дека не смееме да ги омаловажуваме досегашните успеси.

-(ПРЕМИЕРЕ ПРВ ПАТ НА 26-ти ЈУНИ 2018-та ГОДИНА КАЖАВТЕ ДЕКА МАКЕДОНИЈА ДОБИЛА ДАТУМ, Т.Е. ОБЈАВИВТЕ СЕЛФИ ОД АВИОН, ПОТОА УШТЕ НЕКОЛКУ ПАТИ КАЖАВТЕ ДЕКА МАКЕДОНИЈА ДОБИЛА ДАТУМ ЗА СТАРТ НА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ЗА ВЧЕРА ДА КАЖЕТЕ ДЕКА МАКЕДОНИЈА НЕМА ДАТУМ. КОГА МАКЕДОНИЈА КОНЕЧНО ЌЕ ГО ИМА ТОЈ ДАТУМ?) Еј колку сте интересни со овие прашањата. Успесите се големи, не треба никој од нас да ги омаловажува и да не им дава доволна важност. Секако секој нов чекор за нас е огромна придобивка и треба да биде огромна придобивка, како што ќе биде отворањето и совладувањето на секое поглавје, изјави Заев.

Околу новите услови кои пред се ги бара Франција, а претставуваат пречка на патот на Европската унија, Заев вели биле прецизирање на процесот на проширување и се заблагодарува што тие ја штителе унијата.

-Никогаш не сум ги видел вака настојчиви, штитејќи ја, борејќи се за Европската унија пред се, затоа што Европската унија мора да испорача. Декларацијата вчера која што е усвоена благодарен сум стварно, е прецизна, зборува за проширувањето, со сите детали, изјави Заев.

Министерот Бујар Османи беше запрашан дали ќе бараме Македонците да бидат вметнати во бугарскиот устав, како што тоа го бараат Бугарите, односно тие да бидат внесени во нашиот устав. Вели ќе го исполнеле барањето на Софија, но не можеме и ние да го бараме истото. Исто така вината што Македонија нема датум за старт на преговори, ја префрли кон Брисел, велејќи дека морале да создадат појасна предвидливост за проширување.

-Дипломатијата и дипломатските успеси не се трка на 100 метри, тоа е маратон, маратон во кој што се појавуваат комплексни пречки на патот. Воопшто не ја оправдувам оваа спорост на Европската унија да создаде појасна предвидливост во процесот, бидејќи очигледно ние се движиме на работ на кредибилитетот на процесот, а кредибилетот е најсилната енергија која што го движи овој регион напред, изјави Османи.

Кога е Бугарија во прашање од македонската Влада порачуваат дека разговорите продолжуваат, а кога може да го очекуваме датумот за старт на преговори одговор нема.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста