На Заев му се брза, Мицкоски со принципиелна поддршка на законот за јавно обвинителство

Со сегашниот предлог закон за јавно обвинителство СДСМ се обидува да го легализира незаконско преместување на предметите од СЈО во Јавното обвинителство, но и да обезбеди заштита за Заев по изборите на 12 април, ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за законот за обвинителство. Тој вели дека ќе учествуваат во разговорите со работните групи оти тоа е во интерес на народот. Претседателот на партија истакна дека доколку власта е расположена да ги прифати нивните забелешки за законот, ВМРО-ДПМНЕ без проблем ќе гласа во Собранието.

Денеска во новиот предлог бараат од нас во процесите во кои што се во тек да донесеме член со кој што практично ќе се легализира она кое што беше направено на незаконит начин и неуставен начин. А, тоа беше преносот на случаевите од СЈО во редовното обвинителство, на начин на кој што тие го направија. И сега како ние тука да гледаме сериозен партнер кај луѓето кои што самите не знаат што прават. Гледаме дека се конфузни и дека практично се изгубени во целата оваа ситуација бидејќи се пред се уплашени, свесни се дека по 12-ти април следува одговорност за неправдата и криминалот кој што го направија изминатиот период и сега бараат начин како да се заштитат.

Од друга страна првиот човек на СДСМ, Зоран Заев вели дека законот ќе се најде пред пратениците пред распуштање на Собранието и дека би бил најсреќен ако има консензус за ова прашање, но сепак лидерот на социјал демократите истакна дека имале проблем со тоа политичарите да именуваат обвинител.

Политичари да одлучуваат за иднината на предметите имаме проблем. Треба да оставиме системот со системски решенија да се бираат државен обвинител, обвинител за организиран криминал и другите обвинителства. Исто така предметите мора да бидат осигурани – сегашни, минати, идни предмети мора да бидат осигурани. Самиот закон предвидува осигурување на предметите, односно тие се веќе во судска процедура, се знае како ќе продолжат самите предмети што се во предистрага и во истрага, но исто така треба да сметаме дека тоа треба да биде одлучувано секојпат независно. Не политичарите да седнат па таму тоа да го договорат, па зашушулено, замумулено, па ќе го скриеме. Не може. Се се знае во државата.

И власта и опозицијата се согласија дека Јовевски треба да присуствува на јавната расправа која ќе се одржи идната недела, а на која ќе бидат присутни и преговарачи од политичките партии, но и експерти од областа на правото. Јовевски истакна дека би присуствувал на такви средби, но на состаноци со политички партии не оти не му било местото таму.

Meри Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста