На уставните судии им треба време: Ќе падне ли спорниот закон за јавно обвинителство?!

Спорниот закон за јавно обвинителство конечно се најде на дневен ред на уставниот суд. Но дали ќе биде поништен, останува непознато. На уставните судии им требало повеќе време за да ги разгледаат иницијативите. Ова е епилогот од подготвителната седница на која покрај уставните судии, беа присутни и собранискиот спикер Талат Џафери, како и предлагачите на иницијативите за оценка на уставноста на овој закон, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Маневски побара овој закон целосно да се поништи потенцирајќи дека е против уставен и донесен спротивно на собранискиот деловник. Вели Џафери не смеел да го поништи првото гласање каде овој закон не го собра потребното мнозинство.
-Откако на екранот се појави бројка од 84 за и 32 против, што значи дека законот не го доби потребното двотретинско мнозинство, тогаш претседателот наеднаш изјави дека го поништува гласањето поради и тука застана. Повреден е деловникот во однос на тоа дека гласањето не може да биде поништено, претседателот е должен да ги соопшти резултатите од гласањето, изјави Маневски.
Според Михајло Маневски проблем е и регулирањето на незаконски стекнатите докази, односно во овој случај таканаречените бомби, каде во еден став се пишани како докази, а во друг како индиции за кривични дела. Поранешниот министер за правда потенцира дека во овој дел се оди и контра законот за кривична постапка.
-Во ЗКП во членот 12 став 2, јасно се говори дека докази прибавени на незаконит начин не можат да бидат докази во кривичната постапка и тука тоа е сосема јасно дека двотретинскиот закон за кривична постапка го уредува ова прашање, изјави Маневски.
Дополнителен проблем според него е и што првиот предлог закон од 134-тата седница бил повлечен од Владата, па веднаш без потпис од тогашниот премиер Оливер Спасовски бил испратен нов текст, кој веднаш бил изгласан, што според предлагачите е спротивно на собранискиот деловник.
Собранискиот спикер Талат Џафери пак само кратко пред уставните судии кажа дека се што се случило во Собранието било според деловникот и законите, но не беше расположен да застане пред медиумите за изјава.
Матеја Петровски