На тутунарите им пукна филмот – револтот го истурија со блокада на Плетвар

„Држава без земјоделие е слуга на другите“, „Лебот е најсилното оружје“, „Џабе златото без храна на масата“, беа само дел од транспарентите преку кои македонските тутунари денеска го изразија својот револт од катастрофалната состојба во македонското земјоделие и понижувачки-игнорантскиот однос на власта  кон нив. Тие два часа, со луѓе и механизација го блокираа патниот правец Прилеп- Градско.

   „Трошоците ни се толку зголемени што голем дел од нас ќе го редуцираат производството, а голем дел од нас и ќе го прекинат производството, односно не сме во состојба да произведуваме храна која што ќе ја работиме со загуби. Ако не помогне државата ние ќе се соочиме, како што се соочуваме со енергетска, финасиска, економска криза, ние ќе се соочиме и со прехранбена криза која што ќе резултира со немање на доволно количество на храна“, – рече Игор Мирчески, координатор на четирите новоормирани тутунски здруженија.

  „Направивме обид да ги мапираме проблемите, понудивме решенија на ресорното Министертство. За жал тие се оглушија на нашите барања. Ние моментално работиме стихијно, секој по свое видување и дојдени сме до клиничка смрт на земјоделието. Храната ќе биде страшно скапа, ќе јадеме храна од сомнителен квалитет. Ќе имаме страшни проблеми“, – посочи Ѓорѓи Каракашев од Радовиш.

  Земјоделците се лути и на ресорниот министер Николовски за кој велат дека вчерашната исплата на субвенциите за житарици и неговата денешна посета на штипско, биле обид да се минира земјоделскиот протст во прилепско.

  „Вчера ни пуштија некои субвенции по 6.000 денари по хектар кои нас не ни ги задоволуваат ни основните трошоци. Значи, 600 денари на декар. Со 600 денари не можеме да го обработиме. Тоа е за мир во куќата, се пушта нешто, најавен беше протестов, се пуштија субвенциите за да го замолчат народот“, – кажа Марјанчо Цветаноски, земјоделец од Прилеп. 

  На пелагониските земјоделци поддршка им дадоа и тиквишетие лозаро-овоштари. Тие бараат итно изнаоѓање на пазари за грозјето и виното.

  „Ние сега работиме, не знаеме за што работиме. Влегуваме во трошоци, а сега не знаеме кој ќе го откупи грозјето кој не. Зошто ? затоа што нашето грозје, асталското, оди во 50% во Украина и Русија. Виното црно што го откупува Винаријата „Охрид“, оди во Русија и Украина и сега никој ништо“, – изјави Дано Јошев, прет. на РЗ „Тиквешки лозари-овоштари“ од Кавадарци.

   Земјоделците се заканија дека ако и овој пат бидат изигнорирани од власта, многу скоро ќе организираат сеземјоделски генерален штрајк, како ланскиот Петровденски штрајк кој се одржа во Прилеп.

Каролина Дурло

Advertisements