На Судска медицина се врши обдукција на починатите во ковид центарот во Тетово

Во отежнати услови под строги протоколи тимовите од Институтот за судска медицина вршат обдукција врз телата на пациентите кои починаа во страотниот пожар што вчеравечер ја зафати модуларната болница во Тетово. Фактот дека се работи за ковид позитивни пациенти ја отежнува стандардната процедура за вршење на обдукции, велат од Институтот, бидејќи просториите каде се работи требало постојано да се дезинфицираат, а медицинскиот персонал да работи под целосна заштитна опрема. Директорот на Институтот, Александар Станков, вели дека обдукциите почнале уште во текот на ноќта, веднаш штом телата на починатите со возила на Итната помош биле транспортирани до Институтот за судска медицина. До сега е завршена обдукцијата на четворица од починатите, а кај останатите треба да заврши до крајот на денот.

„Ни донеоса 14 тела. Во тек е обдукција, која треба да заврши до крајот на утрешниот ден, по што телата на починатите ќе ги предадеме на нивните семејства. Заклучоците од обдукцијата ќе ги споделиме со обвинителот“, вели првиот човек на Судска медицина, Александар Станков.

Од Институтот не прецизираат кај колкумина од починатите, поради сериозните изгореници, ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди идентитетот. Директорот Станков најави дека целосната идентификација треба да завшри утре, по што телата на починатите ќе бидат предадени на семејствата.

Во меѓувреме, петмина обвинители, тројца од ОЈО во тетово и двајца од Скопје, вршат увид на местото каде целосно, до темел, изгоре монтажната болница. До раните утрински часови, обвинителите сослушувале дел од вработениот персонал во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, од Обвинителството била издадена наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот.

Владата пак на денешната вонредна седница донесе одлука да прифати помош од меѓинародни стручни тимови со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во Тетово.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста