На сметките на пензионерите стигнаа покачените пензии, во март ново покачување од уште 2500 денари
Ветено-остварено. Над 330.000 македонски пензионери денеска ја добија првата половина од ветените 5.000 денари, линеарно зголемување на пензиите. Добиената битка, со пригодна пензионерска средба на пензионерите од дваесетина градови пд земјава, денеска беше одбележана во Прилеп, градот од каде во август 2023 година и започнаа најмасовните протести во историјата на македонското пензионерско здружување за подостоинствен пензионерски живот.
„Денеска, за првпат во историјата на Македонија, пензионерите добиваат од оние 5.000 линерано зголемување, 2.500 денари. Она што го договоривме на состанокот со Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и со премиерот Мицкоски, тоа и го остваруваме…Имаме 220.000 пензионери кои земаат до 20.000 пензија. Мислам дека ќефот и радоста се големи, бидејќи за нас значат многу 5000 денари и никогаш не би го замениле за тие 5,3% или за 2,9% во шест месеци од годината“ – истакна Верче Јанческа, пензионерка од Прилеп.
„Ова е сон, сон за пензионерите со минимални пензии, сега 5.000 и кои прифатија со поголемите пензии заедно да земаме сите по 5.000 денари. Сега 2.500 и од Нова година, во 2025 година уште толку“, – рече Васил Инџеров, пензионер од Виница.
„Значи, линеарното зголемување на пензиите е успешна операција за која што на почетокот сите велеа дека ќе нема средства, ќе нема пари. Еве се најдоа пари, се најдоа луѓе, и еве поздрав до Владата која што излезе во пресрет на нашите проблеми и најде соодветно решение“, – кажа Делчо Максимоски, пензионер од Охрид.
Иако, во предизборието беше ветувано дека ова линеарно зголемување ќе се случи во текот на првата година од мандатот, сепак новата Влада тоа го стори многу порано, односно уште во првите три месеци од своето владеење, заради што надежите на пензионерите за подобро утре, се уште поголеми.
„Овие 5.000 денари ќе беа исплатени доколку душмански не беа потрошени парите од Буџетот на Р. Македонија од претходната власт. Оваа власт покажа дека зборот е збор, покажа како се работи домаќински и покажа како се работи заедно со народот…Од денес, пензионерите ќе можат да ги трошат своите 2.500 денари од зголемената пензија, а од март уште 2.500 ден. Нека е аирлија и со здравје да си ги трошат“, – посочи Петар Ристески, пратеник.
Македонските пензионери денеска од Прилеп порачаа дека сега нивната битка ќе продолжи за измени на Законот за пензионери, но и за задолжителна промена на актуелното раководство на Сојузот на пензионери на Македонија.
Каролина Дурло